Доналд Трамп изјави дека ќе го испрати својот специјален пратеник Стив Виткоф во Москва оваа недела, пред истекот на рокoт за напредок во завршувањето на војната во Украина, пренесува „Гардијан“. 

Трамп рече дека Виткоф ќе ја посети Москва во среда или четврток. Кога во неделата беше прашан каква порака ќе пренесе Виткоф во Русија и што може да направи Владимир Путин за да избегне нови санкции, американскиот претседател одговори:

„Да постигне договор со кој луѓето ќе престанат да бидат убивани.“

Во Киев, постои надеж дека променетата реторика на Трамп и поостриот став кон Москва може да доведат до вистинска промена во американската поддршка за Украина.

Трамп дојде на функцијата уверен дека може да постигне договор со Путин, но во последните недели изгледа сè повеќе разочаран од постапките на Русија.

Во четврток ги нарече нејзините постојани напади врз цивилни зони во Украина „гнасни“, а во неделата рече дека две нуклеарни подморници, кои тој наредил да се распоредат по онлајн заканите од поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев, сега се „во регионот“, без да даде дополнителни детали.