Извор на фотографија: Собрание на РСМ

Пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ од говорницата на Собрание побара од СДСМ, Зоран Заев и владејачкото мнозинство веднаш да закажат итна пленарна седница на која што заедно ќе ги разгледаат и едногласно ќе ги изгласаат законите од таканаречениот петти пакет мерки поврзани со финансиската помош за граѓаните и компаниите.

„Во овој момент, на оваа прес-конференција позади мене се присутни сите пратеници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата кои се подготвени да бидат присутни и да дадат целосна поддршка за овие закони доколку власта конечно се вразуми и одважи да ја закаже седницата. Апелираме уште еднаш, да престанат политичките игри, пазарења и тактизирања врз грбот на граѓаните и стопанството и веднаш, уште денес да се закаже итна пленарна седница на која што ќе ги изгласаме законите од таканаречениот петти пакет на мерки за финансиска помош на граѓаните и стопанството,“ рече координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

Тој истакна дека пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата ќе бидат присутни во Собранието, а сега на потег е власта.

Собранискиот спикер Талат Џафери за денеска нема да свика друга седница, бидејќи како што рече на брифингот со новинарите, веќе е закажана седницата за пратенички прашања, која се одржува секој последен четврток во месецот.

Инаку, премиерот Зоран Заев вчера најави дека денеска ќе се сретне со Џафери и лидерот на ДУИ, Али Ахмети со кои ќе разговараат за можните начини за деблокада на работата на Собранието.

Веќе подолг период нема потребен кворум за одржување на собраниски седници, поради ковид-состојбата на одредени пратеници но и на неучеството во работата на пратениците на неколку политички партии.