Со 68 гласови „за“, пратениците вчера ги усвоија предложените измени во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Станува збор за осми по ред измени на овој закон од неговото донесување во 2013 година. Во изгласаниот член 1, на телекомските оператори им се овозможува да ги емитуваат домашните и странските телевизиски канали на начин и под услови регулирани со членот 143 од Законот, односно со регулирање на авторските и сродни права со телевизиите и радио станиците.

За време на комисиската расправа, не биле поднесени амандмани за најновите измени на ААВМУ од страна на пратениците. Сепак, во собраниските документи е наведено дека Стопанската Комора испратила Допис со заклучоци, предлози и барања за повлекување на измените во Законот за ААВМУ. Телевизиите и телекомските оператори имаат спротивставени гледишта околу усвоените законски измени.

Македонската медиумска асоцијација на приватни национални телевизии веќе укажа дека измените во Законот за ААВМУ за нив се целосно прифатливи. Од друга страна, телекомските оператори од земјава посочија дека не се согласуваат со усвоените законски измени.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.