Пратениците прифатија, се чека на Џафери за собирање потписи за референдум против дигиталните учебници

Фото: Архива на Мета

Двете собраниски комисии за политички систем и односи меѓу заедниците и Законодавно-правната комисија денеска донесоа заклучок дека предлогот на граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ е уреден. Собранискиот спикер треба следно да го прифати поднесениот предлог, по што тој ќе треба да ја извести Државната изборна комисија да ги отвори нејзините подрачни единици во кои ќе треба да се соберат минимум 10.000 потписи за организирање на референдум.

Граѓанската иницијатива ќе има рок од 30 дена за да ги собере неопходните потписи, кои ќе треба потоа да бидат доставени до Собранието во насока на распишување на референдумот. Од оваа иницијатива се против образовните реформи што ги најави Министерството за образование и наука. Покрај тоа што се против воведувањето дигитални учебници во наставата, тие бараат да не се спојуваат повеќе предмети во еден и да нема воведување на родово базирано образование во основните училишта.

И покрај тоа што го поддржаа предлогот за собирање на потписи, пратениците од владејачката партија СДСМ денеска рекоа дека е нејасно зошто се бара референдум кога повеќе пати во јавноста веќе било кажано дека хартиените учебници и натаму ќе се користат.

Од владејачката партија СДСМ денеска рекоа дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ денес се противи на дигитализација на наставата, но идентичниот проект пред само неколку месеци го имале наведено во изборната програма.

„Во последната изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ како ветување пред граѓаните е наведена дигитализацијата во образованието, платформа за е-учење, подготовка на видео материјали од страна на наставниот кадар и секако – дигитални учебници“, изјави Стефан Васев од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека тие се за дигитализација, меѓутоа не се за целосно укинување на учебниците како што замислила власта, тврдејќи дека наметнати и вештачки создадени реформи никогаш нема да дадат позитивен резултат.