Во 11 часот денеска во Собранието, премиерот Зоран Заев и министрите од владината коалиција по втор пат ќе одговараат на прашања од пратениците.

Најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува на седницата поради како што рекоа, продолжувањето на притворот на шестмината пратеници за нивното учество во насилството во Собранието од 27 април годинава.

Кривичниот суд вчера одлучи да им го продолжи за уште 30 дена притворот на на пратениците Крсто Мукоски, Сашо Василевски и Љубен Арнаудов, на поранешниот министер за внатрешни работи и директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, организаторите на протестите на „За заедничка Македонија“ Игор Дурловски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски и на уште шестнаесет лица осомничени за насилствата во Собранието од 27 април, оваа година.

-На утрешната седница нема да учествуваме, во околности какви што имаме сега. Очекуваме конструктивен пристап од власта, да покаже добра волја и нормална комуникација. Новото раководство на партијата нека биде повод за нов почеток. Консултациите со СДСМ ќе продолжат, но ако се влоши позицијата и состојбата на прогонетите, тогаш комуникацијата помеѓу двете партии ќе биде во еднонасочна улица – изјави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев.

Премиерот Зоран Заев, вчера рече дека очекува што побрзо опозицијата да се врати во Собранието, за заеднички да работат на реформите кои државата ќе ја придвижат кон ЕУ и НАТО.

Тој додаде дека пратеничките прашања во Собранието се за пратениците на опозицијата.

– Пратеничките прашања во Собранието се за пратениците од опозицијата, ако не дојдат, седницата ќе трае кратко. Немам намера, долго да одговарам на прашањата на пратениците од власта, иако, и тие имаат можност да постават прашања. Ако пратениците на опозицијата не дојдат утре, се надевам дека ќе се појават на седницата по Нова година, закажана на 9 јануари – рече Заев.

Министрите, со бојкотот на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, ќе одговараат на прашањата на парламентарното мнозинство и на БЕСА и Алијансата за Албанците како помали опозициски партии.