Прашањето за заштита на личните податоци може да ги исклучи Фејсбук и Инстаграм од Европа

Фото: Kon Karampelas на Unsplash

Корисниците на Фејсбук и Инстаграм од Европа можат да останат без можност да ги користат своите профили, доколку на компанијата „Мета“ не ѝ се дозволи да обработува податоци на корисниците од Европа на своите сервери лоцирани во САД, јавува Јуроњуз.

Компанијата „Мета“ информираше за ваквата опасност, а како што наведуваат тие, ова би било резултат на регулативата на ЕУ во однос на пренос, складирање и процесуирање на податоците од ЕУ на сервеси што се наоѓаат во САД. Европскиот суд на правдата во 2020 година го прогласи за неважечки Договорот меѓу САД и ЕУ, којшто ја регулираше трансатлантската размена на податоци.

Во својот годишен извештај, компанијата „Мета“ предупреди дека ако не се усвои нов договор меѓу САД и ЕУ што го регулира ова прашање, тогаш тие нема да можат да ги користат постојните договори и постои веројатност да си заминат од европскиот континент.

„Мета“ тврди дека процесуирањето на податоците на корисниците на Фејсбук и Инстаграм од Европа е клучно за бизнис и маркетинг таргетирањето од нивната компанија.

Наспроти ваквото тврдење на компанијата, Европскиот суд на правдата во јули 2020 година го поништи договорот поради прекршување во делот на заштитата на личните податоци на корисниците на Фејсбук и Инстаграм од земјите-членки на ЕУ. Судот ја засноваше својата одлука на заклучокот дека со договорот не се почитуваат адекватно европските стандарди за заштита на личните податоци.

Поради ова, САД и ЕУ во моментов работат на усовршување на претходно потпишаниот договор.