Практична акција „Климатска едукација – СЕГА и ВЕДНАШ!“ за основците во Кузман Јосифоски – Питу

Фото: Рурална Коалиција

Неформалното здружение „Рурална коалиција“ во соработка со ООУ Кузман Јосифоски – Питу од Кичево во текот на ноември и декемви спроведе практична едукација и работа на тема „Климатска едукација – СЕГА и ВЕДНАШ!“ за учениците од трето и четврто одделение.

Мотивот за создавање на оваа интерактивна акција од страна на Коалицијата и основнот училиште потекнува од актуелната тема за создавањето на Климатските промени и последиците од нив кои го намалуваат и оневозможуваат процесот на земјоделско производство.

„Една од клучните активности со кои што може да се промени моменталната состојба кога се во прашање климатските промени е едукацијата. Нашата организација помина два месеца во кампања и неформална едукација за климатските промени во земјоделството при што беа посетени над 30 села на целата територија. За да може промената да се направи од корен потребно е за климатските промени да се говори, но и да се дејствува од најмали нозе“, се вели во соопштението од Рурална Коалиција.

Фото: Рурална Коалиција

За време на работилницата учениците имале можност да слушнат што всушност значат климатските промени, како тие влијаат на призводството на храна, но и како може да се делува кон ублажување и прилагодување кон ефектите што ги создаваат климатските промени, а кои директно влијаат на нашето секојдневно живеење. Практичната едукација завршила со изложба на ликовни творби од страна на децата за тоа како тие гледааат на климатските промени и како ги разбираат истите.

Според директорката на училиштето, Илинка Анѓелеска, од голема важност е да се зголеми фондот на часови за едукација на улениците на темите за климатските промени.

“Климатските промени се една тема на која што мора многу посветено да се работи, како би можеле да создадеме образовани, но и подготвени млади луѓе за акција за ублажување и прилагодување кон климатските случувања на кои што сме сите сведоци денес. Оваа акција е еден од начините како да се прави тоа“, вели таа.

Фото: Рурална Коалиција

Лилјана Јоноски, извршната директорка на Рурална Коалиција нагласи колкаво значење има будењето на свеста уште од најмали нозе кај децата за опасноста што го обвива светот.

„Ние сме првата генерација на луѓе која што ги чувствува ефектите од климатските промени, но и последната која што може да превземе нешто за да се ублажат ефектите, а во исто време и да се прилагодиме на новите климатски услови и да продолжиме со она најважното, а тоа е производството на храна кое што за жал како што доаѓаат годините ќе биде сè помало, а земјоделските производи сè поскапи. Токму затоа ни се потребни ваквите акции и соработки за да може реалните случувања и можности за делување на оваа тема да ги пренесеме и во образовниот процес. Нашата крајна цел е воведување на редовна и задолжителна едукација за клима и климатските промени како посебен наставен предмет“, истакнува Јоноски.

Фото: Рурална Коалиција

Рурална Коалиција и ООУ Кузман Јосифоски – Питу од Кичево потпишаа и меморандум за соработка во кој што се обврзаа и понатаму редовно да работат на заеднички едукативни активности на полето на климатските промени, но исто така и на сите останати теми кои што се поврзани со производството на храна и создавањето на одржлив развој во заедницата.

Едукативната кампања е дел од проектот “Климатска акција за климатските промени во земјоделството“ кој што Рурална Коалиција го спроведува со финансиска поддршка на Фондација Отворено Општество – Македонија, а годишниот план за работа на Рурална Коалиција е поддржан од Цивика мобилитас, програма на Швајцарската агенција за развој и сорбаотка.

Руралната Коалиција денес во својот состав брои 40 локални здруженија. Таа е главен застапник и партнер на земјоделските здруженија во земјава и се залага за подобрување на квалитетот на живот во руралните средини.