Фото: Принтскрин од видео

Генералниот директор на Отворено владино партнерство (ОВП), од канцеларијата во Њујорк, Санџај Прадхан денеска се обрати на владина седница на која присуствуваше премиерот Зоран Заев и министрите во Владата.

Северна Македонија веќе десет години е дел од оваа иницијатива и до сега спровела четири Акциски планови со помош на граѓанскиот сектор. Прадхан објасни дека целта на ОВП е да се обезбеди Владите да им служат на граѓаните, а не на себе.

Честитајќи и на Владата за досега постигнатото, Пардхан истакна дека оваа година, во рамките на петтиот Акциски план државата има можност уште повеќе да направи во насока на поголема транспарентност и отчетност со што би се зголемила довербата кај граѓаните, инвеститорите но и да се унапреди агендата за пристап во Европската унија.

Но за да се оствари сето ова, потребни се три клучни цели а тоа се воспоставување на партнерски однос со граѓаните, вклучување на маргинализирани групи како и броба против корупцијата.

Прадхан истакна дека воспоставувањето на партнерски однос со граѓаните било од витално значење за време на ковид-пандемијата. Тој од една страна истакна примери за затвореност на владите во Кина и САД за податоци, што граѓаните ги чинеа животи, наспроти отвореноста на податоци во државите како Нов Зеланд, Јужна Кореја каде што партнерскиот однос со граѓаните и отвореноста на податоците спасија животи.

Прадхан ја посочи и Колумбија за која истакна дека владата ги отворила податоците за трошоците поврзани со ковид-19, овозможувајќи им на граѓаните да го надгледуваат трошењето на парите. Тој советуваше македонската Влада да им овозможи на граѓанските организации мониторирање на 160 милиони евра европска помош за справување со ковид-кризата, што би било во насока на зголемување на довербата помеѓу граѓаните и Владата.

Во однос на вклучување на историски маргинализирани лица во креирање на владини политики, Прадхан ја поздрави заложбата на Владата за пристап на овие лица до правни услуги.

Како трет сегмент Прадхан ја истакна борбата против корупција, која помага во градење на доверба на граѓаните и инвеститорите во Владата, бидејќи од големо значење е економското заздравување за време по ковид-кризата.

Прадхан ја охрабри Владата да ги објавува јавно договорите за склучени јавни набавки, потоа вистинската сопственичка структура на компаниите и со вистинска заложба преку унапредување на реформите преку петтиот Акциски план да биде лидер во регионот но и глобално на ОВП.

Крајната придобивка според него е да се изгради доверба помеѓу граѓаните да се борат против негативните појави.

Премиерот Зоран Заев истакна дека за овие десет години, како што Македонија е дел од оваа глобална иницијатива на ОВП, спроведени се четири акциски планови и во тек е петтиот за период од 2021-2023.

Тој додаде дека биле спроведени 50 мерки со цел поголема отвореност на Владата но и истите биле проширени на локално ниво како и врз судската власт и Собранието.

Отвореност, транспарентност и отчетност се главните стожери на оваа Влада рече Заев а граѓаните се вклучени во креирањето на јавните политики.Премиерот додаде дека постои политичка волја за воведување на реформи кои ги отвораат институциите и ги трансформираат во сервис на граѓаните.

Заев ја истакна соработката со Фондацијата отворено општество како и со другите граѓански организации кои придонеле за воспоставување на посебен веб-портал каде што се надгледува спроведувањето на акциските планови, потоа воведување на нови алатки и дигитални технологии кои водат кон унапредување на транспарентноста, одговорноста, отчетноста на Владата.

Премиерот го потенцираше и значењето дека преку Отворено владино партнерство бил воспоставен Совет за дијалог помеѓу Владата и граѓанските организации.