По натпреварите вчеравечер од европскиот дел на квалификациите, веќе се познати можните противници на македонската машка фудбалска репрезентација во баражот за Светското првенство во Катар следната година. Ова ќе биде првото вакво учество во бараж за пласман на Светско првенство, соопшти ФФМ.
Можни противници на Македонија во обидот да се пласира на Мондијалот се Португалија, Шкотска, Италија, Русија, Шведска и Велс.
Жребањето ќе се одржи на 26 ноември, а дванаесет селекции ќе бидат поделени во три групи по четири, во кои ќе се играат две полуфиналиња и тоа на теренот на носителите. Земјава не е меѓу нив.
Победниците на групите директно го потврдија пласманот на Светското првенство. Станува збор за Франција, Шпанија, Швајцарија, Белгија, Данска, Холандија, Хрватска, Србија, Англија и Германија.
Репрезентациите, пак, што се најдоа на втората позиција во групите обезбедија шанса за баражот.
Полуфиналните дуели на програмата се на 24 и 25 март, додека финалињата се на 28 и 29 март следната година.