Познати јавни личности станаа амбасадори за борба против говор на омраза

Фото: Horizontal Facility II

Препознавањето на омразата е првиот чекор за борба против истата. Препознавањето треба да нè освести дека дури и најмалите гестови се важни за да се обезбеди толеранција и почитување. Токму оваа порака во иднина ќе ја промовираат познати јавни личности од Северна Македонија кои станаа амбасадори на кампањата „Блокирај ја омразата. Сподели љубовта!“ чиј фокус е борбата против говорот на омраза.

Меѓу нив е и медицинскиот работник Денис Јанкуловски кој во јавноста е познат по прекарот Космонаутко и како Европеец на годината 2021 година. Во кампањата е вклучена и Љуљета Адеми – активистка, која е и првата жена со попреченост која го искачи највисокиот врв на Балканот – Мусала. Потоа, Силвана Мучиќ Плевнеш – позната пејачка и дел од популарната група Силви Бенд, Огнен Јанески – ТВ водител и активист за човекови права, Бесфорт Идризи – актер и младата европска амбасадорка Дона Срдиќ. Тие имаа можност да ги споделат своите пораки за време на почетокот на настанот и го кренаа својот глас за слободно општество без омраза и дискриминација.

Каталин Тамус, раководител во Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје во своето обраќање на настанот ја истакна континуираната поддршка на властите во нивните напори за борба против говорот на омраза и злосторствата од омраза особено за најранливите заедници во нашето општество.

„Оваа кампања има за цел да ја подигне свеста за различните форми на говор на омраза кои се насочени кон одредени заедници и поединци во македонското општество, како и да промовира различни начини на борба против говорот на омраза, првенствено преку ширење позитивни пораки и став на прифаќање и почитување на различности“, нагласи Тамус.

Сопругата на претседателот Пендаровски, Елизабета Ѓоргиевска посочи дека единствениот адекватен одговор на омразата кон различноста е почитување на достоинството на различните со што на дело ја блокираме омразата и ја споделуваме љубовта разбрана како грижа за вроденото достоинство на ранливите.

„Верувам дека тоа може да се постигне само со одговорно користење на слободата на говорот. Ниту едно човеково право не е исклучиво, туку е споделено. Правото за едниот е право и за другиот и споделена обврска за сите членови на општеството“, рече првата дама.

Претседателката на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Весна Бендевска, истакна дека пораката на оваа кампања треба да допре до секој граѓанин, посочувајќи на реалната опасност од говорот на омраза што е сè поприсутен меѓу нас во сите сфери на живеењето, особено на социјалните медиуми.

„Токму затоа оваа кампања е насочена кон говорот на љубов, бидејќи љубовта е чин на одобрување, недискриминација, прифаќање и толеранција без разлика на раса, етничка, религиска, политичка или сексуална припадност. Не се сите видови дискриминаторски активности предизвикани од говор на омраза, но речиси секој говор на омраза се базира на дискриминација“, рече Бендевска.

Кампањата се спроведува во рамки на проектот „Промоција на разноликоста и еднаквоста во Северна Македонија“, кој е дел од заедничката програма на Европската унија и Советот на Европа, Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција 2019-2022.