Позитивата за реформите во сенка на „бугарските работи“

-

Автор: Малинка Ристевска Јорданова

На вчерашната седница на Европскиот парламент (ЕП) беа усвоени резолуциите за извештаите за Северна Македонија, Албанија, Србија и Косово, а постапката е сѐ уште во тек за преостанатите држави од регионот и држави кандидати – Црна Гора, Босна и Херцеговина и Турција.

Oвогодишната резолуција на EП за нашата држава има три главни аспекти – односот кон почетокот на преговорите, ставот кон спроведувањето на реформите и наметнатиот спор од страна на Бугарија. Секако, во јавноста последново прашање се наметна како доминантно. Меѓутоа, да одиме по ред.

Ставот на Европскиот парламент кон отворањето на преговорите е јасен: тој ги повикува државите членки да покажат јасна политичка волја за Советот да може да ја усвои преговарачката рамка и да се одржи првата меѓувладина конференција. Истовремено и „ги потсетува земјите-членки дека политиката на проширување мора да биде водена од објективни критериуми и да не биде попречена од еднострани интереси“.

Што се однесува до оценката за реформите Резолуцијата е прилично позитивна. Сепак, најпозитивна е за стратешката посветеност кон ЕУ и генералниот пристап на државата реформите поврзани со ЕУ, кои според „се манифестираат со континуирана имплементација на реформите поврзани со пристапувањето и работата за решавање на билатералните прашања со соседните земји“. Сликата е малку поразнолика кога ќе се навлезе во пораките за поединечните области, кои во оваа резулуција се систематизирани во поднасловите: владеење на правото; функционирање на демократските институции; темелни права; медиуми: општествено-економски реформи; енергија, транспорт и животна средина; регионална соработка и надворешна политика. Генерално во областа на владеењето на правото, демократските институции, темелните права и медиумите нема големи разлики во однос на Извештајот на ЕК.  Европарламентарците ги подржуваат досега преземените реформи, како и насоките на реформите, но укажуваат на имплементацијата и градењето континуирано досие на резултати. Изрична е пораката што сите политички групи во ЕП, иако внимателно, ѝ  ја испратија на опозицијата, потсетувајќи дека „опозиција со конструктивна улога е суштествена за функционирањето на Собранието“.

Општествено-економските реформи се третирани главно во светло на кризата предизвикана од КОВИД. Сепак, препораките повеќе се однесуваат на мерки со долгорочни цели, како што се структурните реформи – особено во образованието и обуката, инвестиции во инфраструктурата, диверзификација, конкуренцијата и дигитализацијата. Ова е посебно третирано од аспект на спречување на одливот на квалификувана работна сила. Забележливо е дека Европарламентот останува на препораката за одржување на веќе долго одолговлекуваниот попис.

За транспортот, енергетиката и животна средина забележливо е што, за разлика од првобитниот текст, Резолуцијата сега содржи експлицитен повик до Европската комисија да го спроведе принципот „повеќе за повеќе“ од ИПА III за нашата земја „со оглед на значителниот напредок на земјата…“ Резолуцијата е повторно позитивна во оценката на политиките, особено за енергетска ефикасност, но критична за конкретните проблеми, на пример на загадувањето и спроведувањето на  препораките на УНЕСКО за заштита на Охридскиот регион.

Конечно, прашањето што доминираше во текот на расправата – односите со Бугарија. Ова прашање е несразмерно многу застапено во Резолуцијата, особено споредено со претходните резолуции, дури и кога се работеше за спорот со Грција. Поминаа сите формулации во кои општо се повикува државите членки да не го блокираат пристапниот процес, во духот на формулацијата од  преамбулата „злоупотребата на пристапниот процес за решавање на културно-историските спорови од страна на земјите-членки на ЕУ би претставувала опасен преседан за идните пристапни процеси на остатокот од земјите од Западен Балкан, особено со оглед на историскиот контекст во регионот“. За сите политички блокови во ЕП беше прифатлива и пофалбата за кооперативниот и конструктивен однос на нашата држава во склучувањето и спроведувањето на билатералните договори со Грција и Бугарија. Меѓутоа, битката се водеше околу конкретното споменување на Бугарија и внесување на конкретните барања на Бугарија во Резолуцијата – и тоа е теренот во кој оваа Резолуција се обидува да внесе нови наративи. За среќа, уште во комисиското усогласување беше напуштена првобитната формулацијата Бугарија и Северна Македонија „да најдат компромис за прашања поврзани со историјата и јазикот“. Во конечниот текст се повикува на компромис за Акциски план за спроведување на Спогодбата – повик што сепак носи ризици.

Крајната амандманска битка на пленарната седница не донесе осуда за „провокативни изјави на претставници на бугарската влада за историски прашања во врска со Северна Македонија, спротивни на духот на Договорот за добрососедски односи со Бугарија…“ како што предлагаа Социјалдемократите и Зелените, зашто овој амандман не доби поддршка од Европската народна партија(ЕПП) и од Обнова на Европа. За жал, донесе усвојување на контра-амандманите на  ЕПП со кои се бара од нашата држава да не ги дискриминира граѓаните со бугарски идентитет односно бугарска етничка припадност, како и поттикнувањето за историско помирување и надминување на поделбата помеѓу и во рамките на различните етнички и национални групи, „вклучително и граѓани со бугарски идентитет“. Овие формулации се поместени во делот за Регионална соработка, а нормално би припаѓале во Темелни права. Аманмадни на ЕПП поминаа зашто Зелените или беа „за“ или апстинираа од гласање, а Обнова на Европа главно беше „за“, иако и релативно голем број пратеници на оваа политичка групација беа против или се воздржаа. Во секој случај позиционирањето на политичките групи во ЕП во однос на текстот на Резолуцијата треба да биде предмет на сериозна натамошна анализа.

НАТО не ја нападна Русија, ниту измислува дека таму пристигнале севернокорејски војници

НАТО не ја нападна Русија, НАТО не е во војна со Русија, а информациите дека севернокорејски војници пристигнале во Русија за да ѝ пружат поддршка на фронтот во Украина,...