Пожари со многу жртви имало и во Русија (во ноќниот клуб Хромаја лошад во Перм во 2009 г., трговскиот центар Зимњаја вишња во Кемерово во 2018 г. или кафулето Полигон во Кострома во 2022 г., кај што војник вратен од Украина стрелал со сигнален пиштол), но една проруска фејсбук-страница неосновано тврди дека пожарот во Кочани е дел од прозападната политика на власта во С. Македонија. Според страницата, пожарот е дел од пеколен план за уништување на Македонците, но такви пожари има низ разни земји, и (про)западни и антизападни, а причините се најчесто небрежноста или корупцијата, пишува Вистиномер во текстот кој го пренесуваме во целост.
Објава во социјалната мрежа Фејсбук, меѓу другото, вели:
За оние властољубци, западни измеќари од сите партии на власт, оваа трагедија ќе биде само уште една епизода во уништивањето на Македонците – прво душите ни ги изгореа, па шумите и полињата…дојдоа и до младината!
Всушност, тоа е цитат од туѓа изјава, во која се изразува згрозеност од пожарот во дискотеката Пулс во Кочани на 16.3.2025 г., кај што загинаа 59 лица, за што придонесе несовесното користење на пиротехника и лошите услови во објектот, кој работел илегално и во кој не се пазело на противпожарната сигурност и пренатрупаноста, на што корумпираните чиновници замижувале.
Но, проблемот е во тоа што авторот на објавата ја злоупотребува трагедијата за заедно со легитимни критики да протне и проруска пропаганда и дезинформации, но ние веќе сме го забележувале како ги пласира истите (примери: тука, тука и тука).
Така, тој овојпат шири неосновано и неаргументирано тврдење дека пожарот во Кочани е дел од прозападната политика на власта во С. Македонија и дека тоа е пеколен план (најверојатно на „трулиот Запад“) за уништување на Македонците.
Со оглед дека тука рецензираме објава од проруска фејсбук-страница, би навеле дека такви пожари се случуваат и во Русија, кај што на власт не се „западни измеќари“.
Такви биле пожарите во: стриптиз клубот 911 во Москва на 25.3.2007 г. (10 загинати и 6 повредени), ноќниот клуб Хромаја лошад во Перм на 5.12.2009 г. (156 загинати, од кои 55 починале в болница и 82 повредени), трговскиот центар Зимњаја вишња во Кемерово на 25.3.2018 г. (64 загинати, од кои 41 мало дете и 79 повредени) и кафулето Полигон во Кострома на 5.11.2022 г. (13 загинати, 4 исчезнати и 9 повредени).
Стравотен пожар во ноќен клуб имало и на 25.12.2000 г. во Луојанг, Кина (309 загинати), но со неа не раководат „западни измеќари“, туку комунистичка партија. Toa важи и за Виетнам, кај што во пожар во караоке-клуб на 6.9.2022 г. загинале 33 лица. Пожар со 47 жртви се случил во клуб во Венецуела на 30.11.2002 г. кога на власт во неа бил антизападниот Хуго Чавез.
Објавата обвинува и дека зад шумските пожари кај нас стојат „западните измеќари“ од власта, но во Русија тие не се на власт, па, сепак, таму секое лето има катастрофални шумски пожари, при што страда и флората и фауната, а горат и цели села.
Пожарите за малку не ја зафатија и нуклеарната воена база кај гр. Саров, но зафатија дел од Брјанската Област контаминиран од Чернобилската катастрофа, што беше ризик од ширење на радијација заедно со чадот, кој стигна дури до Москва и Санкт Петербург.
Причините за досега наведените пожари се: несовесно ракување со пиротехника или алат за заварување, лоши електроинсталации, огнови на излети или догорчиња, во комбинација со некомпетентноста и корумпираноста на власта или лакомоста на угостителите.
Во случајот со кафулето во Кострома, руски војник вратен од фронтот во Украина стрелал в таван со сигнален пиштол, што значи дека и гостите можат да бидат неодговорни, а тоа важи и за селаните, кои палат сува трева, но тука нема никакви „западни измеќари“.
Тука паѓа во вода и честото тврдење дека (про)западните демократски општества се декадентни, додека во оние источните, авторитарните, има ред и стабилност.
А, ако Западот уништува Македонци со пожари, зошто нив ги има и на Запад? Примери за тоа се пожарите: на рок-концертот во клубот Стејшн во Роуд Ајленд, САД на 20.2.2003 г. (100 жртви); во арт-колективот Гоуст шип во пренаменето складиште во Калифорнија на 2.12.2016 г. (36 жртви); на новогодишна забава во Волендам, Холандија на 1.1.2001 г. (14 жртви); и во клубот Фонда милагрос во Мурсија, Шпанија, на 1.10.2023 г. (13 жртви).
На крај, ние имаме разбирање за револтот изразен во објавата за пожарот во Кочани, но не и за делот од неа, во кој се шират теории на заговор, што е неосновано и неаргументирано, па општата оценка за неа е дека таа е делумно невистинита.