Два хеликоптери на МВР и седум специјални возила пинцгауер на Дирекцијата за заштита и спасување, заедно со три хермелини и други возила денеска ги бранат селата во подножјето на планината Готен, помеѓу Радовиш, Берово и Василево од пожарот што веќе неколку денови беснее во овој регион. Според директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, ова е во моментот најтешкиот пожар, што е во близина и може да се доближи до населените места, во зависност од насоката на ветерот. Ангелов, денека на прес-конференција информираше дека на терен во регионот се 40 припадници на Армијата, кои заедно со локалните пожарникари и  доброволци се обидуваат пожарот да го стават под контрола.

„Селата во околината се рамнински, уредени и имаат жители, заради што не треба да е голема опасноста од пожарот. Сепак, апелираме да исчистат околу своите куќи, да изораат обрачи од десетина метри и да расчистат сува вегетација, особено оние кои живеат на кајот на селото“, рече Ангелов и апелираше да не се крева паника.

Посериозни пожари има и во Општина Македонска Каменица, кај селото Косевица, како и во Општина Крива Паланка кај селото Нерав во близина на српската граница, што започна вчера.

На територијата на Општина Македонски Брод има пожар меѓу селата Црешево, Локвица и Крапа, што трае веќе десетина дена на доста непристапен терен и кој се гасне и од земја и од воздух. Во општините Старо Нагоричане и Куманово има пожар кај селата Облавце, Бељаковце, Довезенце и Јачинце, села кои не се активно населени, куќите се најчесто викендички и каде гори ниска вегетација. Ангелов апелираше сопствениците да ги расчистуваат и ораат дворовите.

Активен е и пожарот во Општина Желино меѓу селата Церово и Групчин, кој неколкупати беше изгаснат, но повторно се разгорува, веројатно бидеќи одново се потпалува. Во Општина Прилеп има пожар кај селото Бешиште, кој се шири кон селото Градешница и границата со Грција. Во Прилеп е активен и пожарот кај селото Дрен и се шири кон селото Галиште во Општина Кавадарци. Денеска, информираше Ангелов,  пожари има на 16 локации низ земјава, од кои осум се активни, шест се под контрола и два се изгаснати, но состојбата постојано се менува.