Градоначалникот на Општина Зелениково, Коста Маневски возел општинско противпожарно возило, а припадници на доброволното противпожарно друштво од Зелениково ноќеска гаснеле пожар што се заканувал да изгори куќи на ридот над селото, додека да пристигнат пожарникари од Скопје. Жителите од куќите кои биле во опасност претходно направиле делумна заштита со сечење на вегетација и помогнале на пожарникарите да ја сопрат огнената стихија пред да стигне до првите куќи.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов вели дека повикот за пожарот до него стигнал синоќа во два часот по полноќ, а на интервецијата биле испратени возила од протипожарната станицата во Драчево.

„Посебна благодарност до доброволните пожарникари од Зелениково без чие учество состојбата ќе беше сосем поинаква. Со нив договорив да влезат во Тимовите за брз одговор на ДЗС, а во знак на поддршка на доброволното пожарникарство им понудив Дирекцијата да им обезбеди заштитни униформи, противпожарни напртњачи и метли за нивниот иден тим во ДЗС. Благодарност и до скопските пожарникари чие што возило стигна навистина брзо. Сите заедно ставија крај на оваа огнена стихија која можеше да уништи повеќе куќи“, напиша Ангелов.

Од Центарот за управување со кризи велат дека од вчера регистрирани се вкупно 29 пожари на отворен простор, а утрово од нив активни се шест, под контрола е еден, а изгаснати се 22 пожари. Се уште гори на локации во Општина Студеничани во селата Моране, Вртекица и Рамни Габер, каде гори мешана шума, потоа во Општина Македонски Брод кај Видуш и селата  Драгов Дол и Локвица каде гори ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки, во Општините Велес и Зелениково од селата С’лп и Горно Село пожарот се шири кон селата Добрино и Тисовица во Зелениково каде гори ниска вегетација, шума од даб и габер и квалитетна дабова шума. Активен пожар има и во Општините Јегуновце и Сарај од селата Копанце и  Туденце, кон Бојане,  во Општина Крушево кај селата Борино и Житоше и во Општина Крива Паланка кај Конопница каде гори бор, ниска вегетација и грмушки.

Под контрола е пожарот во Општина Крушево кај селата Алданци и Норово каде гори ниска вегетација и нискостеблеста деградирана дабова шума.