Пожарите во Беровско локализирани, сè уште гори во Скопско, Кумановско и Прилепско

Фото: Фејсбук-страница на ЦУК, 9 август 2021

Борбата со огнената стихија продолжува на повеќе локации во земјава. Активни се уште се пожарите во Скопско, Кумановско и Прилепско. По десетина денови борба, со заеднички напори на македонските пожарникари и припадници на армијата, заедно со австриските, словенечките и бугарските пожарникари, според информации од Центарот за управување со кризи, конечно е локализиран и ставен под контрола пожарот во Беровско-Пехчевскиот регион. Пожарот во атарот на селото Будинарци  е локализиран, а екипите работат на негово расчистување, велат од ЦУК. Локализиран е и пожарот на месноста Бејаз Тепе.

Утрово, пожарот што изби во општината Сарај во близина на селата Раовиќ и Буковиќ, според информации од ЦУК, продолжил да се шири и на територијата на ловиштето „Јасен“. Гори мешана шума, на терен ја гаснат дваесетина припадници армијата и пожарникари, а интервенирано е и со авионско гаснење. Од ЦУК информираат дека ноќеска бил изгаснат пожарот што му се заканувал на селото Раовиќ, но огнот продолжува да гори во други правци.

Гори и кај Катланово, поточно кај Дивље и Крушје, а информациите велат дека пожарот е насочен кон селото Средно Коњаре. Во Прилепско, пожарот во атарот на селата Топлица, Ракле и Никодин е се уште активен во тешко пристапен терен, а во текот на вчерашниот ден интервенирале работници од ЈП Национални Шуми – „Црн Бор“ – Прилеп.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска вчера информира дека 1.614 припадници на Армијата се на терен да ги гаснат огновите. Над 1.000 припадници на Армијата секојдневно се ставени на располагање, а хеликоптерите имале над 300 налети и исфрлиле повеќе од 650 тони вода на огнената стихија. Шекеринска најави дека помош денеска стугнува и од Црна Гора, која ќе ни испрати хеликоптер Bell 412.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, најави дека, по помошта од која ни пристигна Австрија, Словенија, Романија и Бугарија, како и од соседна Србија, од денеска и Франција со тројца генерали од пожарникарната служба, кои се едни од најдобрите експерти за високо ризични пожари, ќе се приклучи во напорите за гаснење на пожарите во земјава.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека во текот на изминатото деноноќие, во активностите за гаснење и превенирање на пожарите во земјава биле ангажирани околу 650 полициски службеници, меѓу кои и припадници на сите специјални единици на полицијата, Од МВР апелираат граѓаните строго да ја почитуваат забраната за движење во шумските предели, да се воздржат од палење огнови, отпадоци, меѓи и стрништа на нивите, да не се фрлаат неизгаснати догорчиња и да не оставаат стаклени шишиња или други предмети, кои подолго време изложени на сонце, можат да предизвикаат пожар. Според информации од Министерството за пожарите досега приведени се десетина лица за предизвикување на пожари.