Пожар во најголемата од двете австралиски рафинерии за нафта го намали значително производството на бензин, соопштија претставници на компанијата и на владата, во време кога земјата се соочува со зголемен притисок да ја зајакне енергетската безбедност поради војната со Иран, која го наруши глобалното снабдување со гориво, пренесува Ројтерс.

Државните противпожарни служби соопштија дека пожарот, кој избувнал во средата навечер во рафинерија со капацитет од 120.000 барели дневно управувана од компанијата Viva Energy, бил ставен под контрола во четврток напладне.

Инцидентот доаѓа во незгоден момент за Австралија, која увезува околу 80 отсто од потребното гориво и во последниот период се обидува да обезбеди нови извори на снабдување поради нарушувањата предизвикани од конфликтот на Блискиот Исток, што доведе до раст на цените на енергенсите во светот.

„Ова не е позитивен развој на настаните, но сè уште е рано да се утврди колкаво ќе биде влијанието“, изјави австралискиот министер за енергетика Крис Боуен за телевизијата Канал 9.

Рафинеријата на Viva Energy обезбедува повеќе од половина од горивото за државата Викторија, втората најнаселена австралиска сојузна држава, и околу една десетина од вкупната побарувачка во земјата.

Компанијата соопшти дека производството на бензин и авијациски бензин ќе биде погодено, но дека побарувачката ќе се покрива со увоз на гориво. Во меѓувреме, рафинеријата продолжува да произведува авионско гориво и дизел, но со намален капацитет од безбедносни причини.

Аналитичарот Џон Којн од Австралискиот институт за стратешка политика изјави дека може да се очекува пораст на цените на горивата, зависно од обемот на штетата.

„Би очекувал зголемување на цените, во зависност од штетата. Воедно, ова повторно ги покажува предизвиците со кои се соочуваме кога станува збор за енергетската самостојност и отпорност“, рече Којн.

Инцидентот се случува во момент кога австралискиот премиер Ентони Албанезе престојува во Куала Лумпур, каде разговара со малезискиот премиер Анвар Ибрахим за обезбедување дополнителни количини гориво, по претходните посети на Сингапур и Брунеи.

Според Којн, Малезија и Брунеи, кои произведуваат сурова нафта и рафинирани производи, би можеле да го зголемат производството, но само до одреден степен.

Во пожарот, кој избувнал во рафинеријата на околу еден час возење од Мелбурн, нема повредени. Причината за пожарот и обемот на штетата засега не се познати.

Во изминатите речиси седум недели од почетокот на војната, стравувањата од недостиг доведоа до панично купување гориво, при што во некои делови на земјата побарувачката се удвои, иако владата уверува дека пазарот е стабилно снабден. Во март владата најави и дека ќе гарантира дел од набавките на гориво за рафинериите и снабдувачите.

Главниот извршен директор на Viva Energy, Скот Вајат, изјави дека приоритет е целосно гаснење на пожарот, кој зафатил две единици во рафинеријата, пред да се процени штетата и безбедно да се обнови производството.

„Сите други единици продолжуваат да работат, но со минимален капацитет за да се одржи безбедноста во целиот комплекс“, рече Вајат.