Министерството за здравство информира дека синоќа во кругот на Клиничката болница „Др. Трифун Пановски“ – Битола, изби пожар како резултат на запалена сува трева.

Како што велат во министерството, пожарот веднаш бил пријавен во Центарот за управување со кризи и противпожарната станица, по што надлежните служби навремено и ефикасно интервенирале и го локализирале во најкраток можен рок.

„Вработени во болницата ги презедоа сите неопходни мерки за заштита и следење на ситуацијата. Нема никаква материјална штета врз болничките објекти, ниту е загрозена безбедноста на пациентите и вработените. Работата на болницата се одвива непречено. Интервенцијата траеше кратко и беше целосно завршена без потреба од евакуација или дополнителни безбедносни мерки. Министерството за здравство континуирано ја следи состојбата во сите јавни здравствени установи“, велат во министерството.