Агенцијата за цивилна одбрана на Газа соопшти дека Израел извршил десетици воздушни напади и артилериско гранатирање врз Газа и покрај апелот на Трамп до Израел веднаш да се престане со бомбардирањето, пренесува Гардијан.
„Беше многу насилна ноќ, за време на која [израелската армија] изврши десетици воздушни напади и артилериско гранатирање врз Газа и други области во Појасот, и покрај повикот на претседателот Трамп да се запре бомбардирањето“, изјави за АФП портпаролот на цивилната одбрана Махмуд Басал. Тој рече дека 20 домови биле уништени во нападите.
Баптистичката болница во Газа соопшти дека примила жртви од нападот врз куќа во населбата Туфа во градот, вклучувајќи четири мртви и неколку ранети, додека болницата Насер во Кан Јунис соопшти дека две деца биле убиени, а осум лица биле ранети во напад со беспилотно летало врз шатор во камп за раселени жители на Газа.
Ефрат Мачикава, активен член на израелскиот форум за семејства на заложници и внука на Гади Мозес, заложник кој беше ослободен во јануари, зборуваше за потребата од прекин на војната.
Таа рече: Време е да се заврши оваа ужасна војна и секој заложник да се врати дома. Ние сме за обнова и рехабилитација. Ни е преку глава од војната. Не сакаме никаква одмазда. Сакаме да се концентрираме на животот.
