Надлежен јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје донесе Решение со кое го уважи приговорот на АД Електрани на Северна Македонија против Наредбата за запирање на истрага за кривични дела – Злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, како и Перење пари, против вкупно 13 физички и едно правно лице, а поврзано со набавките на мазут за ТЕЦ Неготино, соопштија денеска во Јавното обвинителство.

„Со одлуката, Вишото јавно обвинителство го задолжи Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да ја продолжи постапката, при што на надлежниот обвинител во прв степен му се дадени и дополнителни насоки за постапување. Констатирајќи слабости во изготвените вештачења на кои јавниот обвинител од ОЈО ГОКК ја темелел својата одлука да ја запре истрагата, Вишото јавно обвинителство Скопје побара да продолжи постапката во насока на утврдување на сите поединечни дејствија на осомничените, особено дали и кој презел директни дејствија или дејствија на помагање со кои правното лице ЕСМ, преку злоупотреба на наменски доделени средства од државниот буџет, а под превез на користење на повластена законска основа од член 23 од Законот за јавни набавки, овозможиле имотна корист од големи размери за еден од осомничените и неговото правно лице“, наведено е во соопштението на Обвинителството.

Во мај годинава, по спроведена едногодишна истражна постапка, предметниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) донесе наредба за запирање на истрагата во предметот поврзан со набавките на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино. Од прибраните докази не се утврди дека осомничените ги сториле кривичните дела што им се ставаа на товар, ниту е утврдено постоење на друго кривично дело што се гони по службена должност, соопштија денеска оттаму.

Се работи за истрагата против 13 лица, меѓу кои беа газдите на компанијата „РКЕ“, Ерџан Сулкоски и Ратко Капушевски, поранешниот директор на ЕСМ Васко Ковачевски, како и сопственикот на „Пуцко Петрол“, Асмир Јахоски. Лани, на 10 март на Јахоски и Капушевски им беше одредена мерка притвор, а два месеци подоцна, Апелација одлучи да му го укине притворот на Јахоски и му одреди мерки на претпазливост, во замена за гаранција од околу 2 милиони евра во готовина и недвижен имот.