Повторно надминат прагот на алармирање поради аерозагадувањето во Скопје

Фото: Мета.мк, 23 декември 2022 г.

Прагот на алармирање поради загадувањето на воздухот во Скопје е надминат, соопшти попладнево Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП). Оттаму информираат дека согласно уредбата во која е дефиниран прагот на алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрограми и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), истиот е надминат на мерните места во Центар и Лисиче.

Ова е вторпат зимава како прагот на алармирање поради аерозагадувањето во главниот град е надминат, откако за првпат тоа се случи во саботата, додека прекинат беше во вторникот.

Согласно податоците што ги соопшти МЖСПП, среднодневните концентрации на ПМ-10 честичките во Центар вчера изнесувале над 175 микрограми на метар кубен, а во средата 198 микрограми на метар кубен. Мерната станица во Лисиче, пак, покажала 196 микгрограми вчера и 193 микрограми на метар кубен пред два дена.

Поради надминувањето на прагот на алармирање во Скопје, на сила повторно ќе стапат препораките и мерките за заштита од аерозагадување.

Скопје во моментов се наоѓа на 19 место во светот според загадувањето на воздухот на IQ Air.

Немаме целосен увид во аерозагадувањето поради старите сервери на министерството