Во Асоцијацијата на дијабетичари алармираат за сериозен и продолжен недостиг на антидијабетна терапија, ленти за мерење шеќер и сензори, што сериозно ја отежнува состојбата на пациентите со Тип 1 дијабетес. Како што вели Диме Велев, претседателот на Асоцијацијата, многумина се принудени да ги купуваат со свои средства или да ги делат помеѓу себе, со што се зголемува ризикот од компликации како хипогликемија, гангрена или слепило.
Според пациентите и здруженијата што ги застапуваат, недостигот опфаќа инсулински помагала, глукометри, тест‑ленти.
Здруженијата нагласуваат дека редовната терапија е од суштинско значење за одржување на нормални нивоа на шеќер во крвта и спречување на сериозни здравствени последици. Недостигот на лекови ги доведува дијабетичарите во ризична ситуација, посебно хроничните пациенти кои зависат од терапијата.
Според најновото, 11-то издание на „Атласот за дијабетес“ на Меѓународната федерација за дијабетес (IDF), во Македонија во 2024 година се регистрирани 140.800 лица со дијабетес на возраст од 20 до 79 години, што претставува 7.4 отсто возрасна стандардизирана преваленца. Податоците покажуваат и дека околу една третина од луѓето со дијабетес (33,5 отсто), не се дијагностицирани, што значи дека околу 45.000 лица во земјава живеат со дијабетес без да знаат.
За терапија и глукомери, секој пациент дава од џеб по 200 евра месечно. Околу 5.000 денари чини антидијабетната месечна терапија за едно лице кое има дијабетес тип 2. Покрај тоа, мора да се набават и таблетите за кардиоваскуларниот систем кои чинат 3.200 денари, а мора да има и глукомери за кои се потребни околу 4.000 денари. Инсулинот е гратис, односно е бесплатен за дијабетичарите, што значи, дека околу 200 евра е месечниот трошок за еден пациент со дијабетес во домот.
