Паркирани возила, кал и искористени шприцови се само дел од работите што може да се видат на местото каде што е предвидена изградбата на булеварот „Благоја Тоска“ во Тетово. И покрај тоа што отворањето на булеварот се ветува од 2014 година, изградбата на оваа важна тетовска сообраќајница не е завршена, ниту пак може да се види градежна машинерија на терен, пишува „Порталб.мк“.

Од Општина Тетово го имаат истото оправдување како и пред две години, велејќи дека отворањето на овој булевар е заглавено во постапката за надомест на имотот на граѓаните низ кој ќе минува трасата на булеварот.

Отворањето на булеварот „Благоја Тоска“ се смета за еден од поефикасните начини за олеснување на преоптоварениот сообраќај во Тетово. Трасата на овој булевар почнува од кружниот тек кај поранешниот ресторант „Мема“ и завршува кај градскиот стадион.

Од Општина Тетово истакнуваат дека градежните работи за отворање на оваа сообраќајница ќе започнат веднаш по завршувањето на фазата на експропријација на земјиштето.

– Што се однесува до булеварот „Благоја Тоска“, општина Тетово ја спроведува постапката на надомест (експропријација) на имотите на граѓаните што се наоѓаат на првиот дел од инфраструктурниот проект, почнувајќи од Клиничкиот центар до текстилното средно училиште во Тетово. По завршувањето на оваа постапка ќе почнеме и со градежните активности за отворањето на булеварот, кој е од особена важност за намалување на преоптоварениот сообраќај на Тетово – рекоа за „Порталб.мк“ од Општина Тетово.

Надлежните општински власти се заглавени во фаза на компензација веќе неколку години. И во мај 2018 година, од Општина Тетово за „Порталб.мк“ изјавија дека отворањето на овој булевар е во „фаза на експропријација“, а ист одговор на оваа тема добиваме од 2018 година до денес.

Тетовската градоначалничка го ветува отворањето на булеварот „Благоја Тоска“ од 2014 година до денес. Трасата на оваа сообраќајница пред две години беше претворена во паркинг. Градоначалничката Теута Арифи беше убедена дека булеварот „Благој Тоска“ ќе се отвори до крајот на 2018 година, а само еден ден пред почетокот на 2020 година, таа за „Порталб.мк“ го вети отворањето на индустрискиот булевар, додека за „Благоја Тоска“ не покажа голем оптимизам.