ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се скараа за изборот на генерален секретар на Државната изборна комисија. Опозицискиот СДСМ, преку соопштение, ја обвини владејачката партија дека намерно ги одолжува договорените рокови и со тоа го прекршува Договорот од Пржино.
„На синоќешната седница на ДИК, претставниците на ВМРО-ДПМНЕ побараа одложување на изборот на генерален секретар на ДИК, во моментите кога требаше да се одлучи помеѓу тројца кандидати кои имале најмногу бодови. Јавниот оглас за избор на генерален секретар на ДИК беше со скратени рокови, со единствена цел што побргу да се комплетира комисијата и да се зафати со работа по клучните прашањата од нејзина надлежност, директно поврзани со изборниот и со предизборниот процес. Дополнително, со консензус во ДИК е усвоен и правилник за оценување и за бодирање на кандидатите, на најтранспарентен начин. Во согласност со правилникот и јавниот оглас, во потесен избор влегле пет кандидати со коишто во текот на вчерашниот ден е релизирано и интервју со сите кандидати, при што во потесен избор останале тројца кандидати. Кандидационата комисија составена од експерите во рамки на ДИК предложила за генерален секретар да се избере оној кандидат што имал најмногу бодови, во согласност со законската постапка, транспарентниот оглас и со правилникот. Во тој момент претставнците на ВМРО-ДПМНЕ во ДИК побараа прекинување, односно одложивање на седницата на ДИК за избор на генерален секретар за 4 јануари 2016 година, поради наводни консултации“, обвинуваат од СДСМ.
Иако претставниците на ВМРО-ДПМНЕ немале никакви забелешки за постапката, сепак го минираа изборот на генерален секретар на ДИК.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека нивната партија се залага што е можно побргу да се комплетира Државната изборна комисија и да се избере генерален секретар. Од владејачката партија велат дека за оваа позиција мора да се избере најдобриот кандидат, кој е прифатлив за мнозинството на комисијата.
„Ние предложивме вчерашната седница да продолжи денеска. Од СДСМ одбија. Потоа предложивме седницата да продолжи на 2 јануари, но од СДСМ го одбија и овој предлог. СДСМ традиционално лаже и манипулира. Целта на ВМРО-ДПМНЕ беше на 4 јануари новиот секретар веќе да биде избран и да ја врши својата функција. СДСМ инсистираше тогаш да продолжи денешната седница. На СДСМ му е сè потешко да го прикрие стравот од претстојните избори. Доста е. Бегање од избори нема. За 114 дена народот ќе го каже своето мислење за ваквата деструктивна политика базирана на лаги и на манипулации“, враќаат од ВМРО-ДПМНЕ.
Загриженост поради одложување на обврските на Државната изборна комисија искажа и меѓународната заедница, затоа што не се знае дали ДИК ќе има можност да ги спроведе сите обврски за предвремените избори.