Повредени четворица полицајци додека вршеле увид на новиот експресен пат кај Крива Паланка

Додека на лице место вршеле увид, влетал друг автомобил, „кој најверојатно според првичните сознанија поради неприлагодена брзина“, удрил во паркирано возило и телесно повредил четворица полициски службеници, како и сопатничка на возачот

Експресниот пат Крива Паланка - Страцин беше пуштен во употреба на 4 јануари 2025 година | Фото: Влада на РСМ

Додека полициски службеници и јавен обвинител вршеле увид по вчерашната сообраќајка на експресниот пат кај Крива Паланка, влетал друг автомобил кој удрил во паркирано возило, повредил четворица полицајци, а тешко повредена е и сопатничката.

Како што соопшти обвинителството, најпрво на истото место вчера автомобил „фолксваген голф“ излетал од патот и се превртел, при што животот го загубил еден од сопатниците во автомобилот. Неговиот син и возачот се здобиле со телесни повреди.

Јавниот обвинител ги презел сите дејствија за обезбедување на доказите и за испитување на причините за несреќата, а за починатиот издале наредба за обдукција.

Но, додека на лице место вршеле увид, влетал друг автомобил, „кој најверојатно според првичните сознанија поради неприлагодена брзина“, удрил во паркирано возило и телесно повредил четворица полициски службеници. Во сообраќајната несреќа потешко повредена е и сопатничката во автомобилот.

Јавниот обвинител постапува и презема дејствија за испитување на причините и за оваа несреќа.

Експресниот пат Крива Паланка – Страцин на кој се случија двете сообраќајни несреќи беше пуштен во употреба од страна на премиерот Христијан Мицкоски, министерот за транспорт Александар Николоски и директорот на ЈП за државни патишта, Коце Трајановски на 4 јануари 2025 година.