Фото: АРМ

Отпремнина од по 1.000 евра за секоја година мината во АРМ ќе биде новата опција која им се нуди на професионалните војници кога ќе навршат 45 години старост и ќе го достигнат старосното ограничување за служење во армијата за нивната категорија. Владата го прифати овој предлог на Незавнисниот синдикат на одбраната, и ќе му го предложи на Собранието како измена на Законот за служба во Армијата, објави министерката за одбрана Радмила Шекеринска Јанковска. Според сегашната легислатива, „старите“ професионални војници по службата во АРМ добиваат вработување во државна институција.

„Ова е прашање за кое што тие ќе одлучуваат. Ние имаме законска обврска да им најдеме работа, и тоа го исполнуваме. Сега нудиме нова можност, по иницијатива на професионалните војници и на Синдикатот, војниците да одлучат дали да продолжат со работа во државни институции или да искористат отпремнина, испратнина со средства од Министерството за одбрана“, изјави Шекеринска.

Отпремината се воведува по барање на војници кои по кариерата во Армијата сакаат да почнат сопствен бизнис. Според проценките, најголем дел од професионалните војници кои го достигаат старосниот лимит за служење имаат меѓу 20 и 25 години стаж, што значи дека би добиле отпремнина од 20.000 до 25.000 евра, а некои и повеќе.

„Накратко, даваме шанса за нов почеток. Ова е добро и за државата, што повеќе луѓе да се активни во приватниот сектор. Иако ќе го чини буџетот,  може да биде од бенефит за економијата. Конечно, и да покажеме дека дека сме свесни дека државата мора да возвраќа“, изјави Шекеринска.

Парите за отпремнина на професионалните војници ќе се исплаќаат од буџетот на Министерството за одбрана. За да се испланираат овие расходи, војниците ќе треба да поднесат барање за отпремнина до 30 јуни во годината пред да наполнат 45 години, а Министерството треба да ги заврши сите административни подготовки 6 месеци пред војникот да го достигне старосниот лимит. Годинава, вели Шекеринска, Министерството ќе треба да биде инвентивно за да фати чекор со новата опција.

Со последните измени во Законот за служба, Министерството воведе надомест за наемнина на стан за сите професионални војници со најмалку 3 години служба во АРМ. Непосредно пред влезот во НАТО, пак, Министерството во својот буџет ги презема и трошоците за пензии за сите свои пензионери. Такво решение имаат најголемиот број членки на НАТО, кои во своите буџети за одбрана ги пресметуваат сите трошоци за персоналот на вооружените сили и одбраната, но и за пензионерите од тие категории.

Според македонската легислатива, професионалните војници немаат можност да се пензионираат од армиските редови. Служба до пензионирање е предвидена само за офицерите и подофицерите.