Повлекувањето на предлог-Законот за матична евиденција ја продолжува дискриминацијата врз трансродовите лица

Adrian Swancar / Unsplash

„Институциите се однесуваат со нас на начини како да сме криминалци, започнувајќи со обвиненија за фалсификување на личните документи од страна на полицијата, кога притоа истите се издадени со решение од МВР, во Управата за матична евиденција за вадење на извод нѐ враќаат по неколку пати секој пат со изговор дека ги немаме потребните документи, вработувањето не доаѓа предвид поради неусогласените документи (кога полот наведен во личната карта не е соодветен со личната идеја за родова идентификација), државното здравство можеме слободно да го заборавиме и не добиваме никаква социјална или правна заштита од државата“, со овие зборови Лила Милиќ од Националната мрежа против хомофобија и трансфобија (НМХТ) го илустрираше секојдневниот живот на трансродовите лица во Македонија.

Транс лицата во земјава сѐ уште го немаат правото за менување на ознаката за род во личните документи, а битката за добивање на истото која трае веќе пет години се чини како да добива реприза. Причина за тоа е неодамнешната одлука на Владата за повлекување на Предлогот за изменување и дополнување на Законот за матична евиденција само еден ден пред да истиот да биде разгледан на собрaниска комисија за политички систем.

Националната мрежа против хомофобија и трансфобија заедно со пратеници во Собранието на Република Северна Македонија неколку години наназад работеше на стекнување аргументирани решенија од кои е сочинет Предлог-законот. Во моментов како што велат од НМХТ, самите предлагачи на законот се повлекуваат и тие остануваат сами во борбата за усвојување.

„Вчера имавме упатено реакција до Интерпартиската парламентарна група формирана за унапредување на правата на луѓето од ЛГБТИ заедницата група. Имаме дискутирано со пратениците поддржувачи и со оние кои помалку нѐ поддржуваа, проблемот е што никој не излезе да брани. Нашите сојузници од пратениците кои беа предлагачи не излегоа да го бранат предлогот. Ние во оваа борба сме сами“, нагласи правната советничка во Коалицијата Маргини, Наташа Бошкова, на денешниот брифинг за новинари одржан по повод објаснување на дезинформациите, поврзани со оваа законодавна иницијатива.

Во меѓувреме, во јавноста од страна на некои организации и пратеници се зборуваше дека изменувањето на Законот за матична евиденција ќе отвори можност за злоупотреба од страна на трансродовите лица како и тоа дека неговото донесување ќе ја „отвори“ Пандорината кутија, а за главен аргумент беше изјавата заверена на нотар што влегува во рамките на предлогот.

„Работната група која го работеше предлогот, се водеше по примерот на Законот што важи во Малта и тогаш се воведе опцијата за потпишување на изјава заверена на нотар. Во изјавата точно се наведува дека лицето нема да избегне кривична одговорност, извршување на санкција, нема да се избегне договор на обврска што директно одговара на сите дезинформации за тоа дека по изменување законот ќе може да се злоупотреби“, посочи Бошкова.

Од Коалицијата Маргини потенцираат на разликата што постои меѓу издавање на медицинска потврда за промена на полот и правно признавање на родот што е неопходно за интегрирање на трансродовите лица во едно општество. Иницијативата за формирање на предлогот за дополнување на Законот е започната пред десет години, кога при поднесување на документи за промена на родовата идентификација, различни лица наидувале на различни одговори од задолжените институции.

„Во 2017 година по влечење на постапките неколку години, Уставниот суд во Македонија ја донесе пресудата за одобрување за промена на ознаката за пол во личните документи за две транс жени. Целта на донесувањето на овој Закон е процедурата да стане брза и транспарентна во однос на одредување на точните потребни документи“, рече Наташа Бошкова.

„10 лица досега успеале да го променат полот, но истиот процес беше 4 годишна пинг-понг игра меѓу институциите“, изјави таа.

Трансродовите лица се често омаловажувани, „откривани“ и засрамувани во јавност при посета на јавните институции 

„Трансродовите лица во Македонија одбиваат да одат на лекар. Една ситуација е кога бевме нападнати за време на првиот „прајд“ викенд, едно од трансродовите лица успеа да ни каже: „Ако ме истепаат, ве молам не ме носите на лекар. Втора ситуација е проблеми при патување. Едно лице на граничниот премин во Хрватска беше извадено надвор и испитувано пред целиот автобус во врска со надворешниот изглед и неусогласеноста на родот во личниот документ. Испитувањето траеше повеќе од еден час пред поголема бројка на луѓе. Трансродовите лица немаат право да отворат сметка во банка. Ним им се изземаат правата за вообичаени работи кои ние, останатите ги вршиме без проблем“, истакна Ирена Цветковиќ, извршна директорка на Коалицијата Маргини.

Со изземање на основните права, како што нагласуваат од НМХТ, за едно лице да посети јавна институција потребно е прво да направи психички подготовки за трансфобијата што следи и поради тоа трансродовите лица остануваат на маргините на општеството. Според податоците, 10 лица во Македонија се борат за промена на родовата идентификација, но по донесувањето на Законот се очекува бројката да порасне.

Здружението за унапредување на правата на трансродовите лица Трансформа,  Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија и Коалицијата Маргини продолжуваат со иницијативата предлогот да се стави на собраниска седница за добивање поддршка од пратениците и усвојување на законот.