Повлечен од Собрание законот за дигиталните учебници, од МОН велат ќе оди повторно на јавна расправа

Фото: Nick Morrison на Unsplash

Собранискиот спикер Талат Џафери вчера ја известил граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ дека владата го повлекла предлог-закон за учебници и други наставни и дидактични материјали во основно и средно образование. Од Министерството за образование и наука (МОН) денеска за „Порталб.мк“ информираа дека ова законско решение ќе биде повторно достапно за јавна дискусија и вклучување на сите поединци, групи и здруженија на граѓани кои не успеаја досега да се произнесат и да дадат свој предлог или сугестија.

По повторната консултација, конечниот текст на законот уште еднаш ќе биде доставен до Собранието на РСМ на усвојување. Притоа, од МОН додаваат дека продолжува имплементацијата на планот за реформа на основното образование, согласно кој, предвидените новини се воведуваат етапно со почетокот на новата учебна година, во прво и четврто одделение. Наставата ќе се имплементира согласно новата Концепција и по нови материјали за учење кои ќе дадат подобри резултати по однос на знаењето на учениците, велат од МОН.

„Новите наставни програми за прво и четврто одделение се веќе усвоени и јавно достапни, со што сите дезинформации и шпекулации врзани за нивната содржина, а креирани од одредени центри, најчесто од сферата на политиката, беа целосно демантирани, исто како и лажните вести врзани за Концепцијата. Во меѓувреме, врз основа на новите наставни програми се изработуваат и нови материјали за учење, при што оние за прво одделение ќе бидат готови до крајот на јули по што ќе следи дистрибуција до училиштата, додека за четврто одделение ќе бидат готови во првата половина на август и тие ќе добијат и дигитална верзија“, велат од МОН.

Од Министеството велат дека во тек е постапка за набавка на 10.000 таблет компјутери, а се набавуваат и кабинети за природни науки за 265 училишта, со кои училиштата ќе бидат подготвени за имплементација на реформскиот процес кој ќе се спроведува во следните 5-6 години.

Од граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ излегоа со свои ставови по повлекувањето на предложениот закон од Собранието.

Од граѓанската иницијатива се огласија со коментар на Фејсбук, наведувајќи дека битката ќе ја продолжат во насока на интервенции и измени во Концепцијата за основното образование, Законот за образование и сите останати закони кои го уредуваат образованието во земјава.

Од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ велат дека со повлекувањето на предложениот закон преовладал разумот наспроти ароганцијата на министерката за образование и наука Мила Царовска, барајќи ја притоа и нејзината оставка.

„Како пратеничка група и покрај повлекувањето на законот, будно ќе ја следиме ситуацијата бидејќи свесни сме дека СДСМ и Мила Царовска можеби повторно тактизираат само за да се повлече иницијативата за референдум која беше покрената од граѓански иницијативи и повторно да го вратат овој закон во Собрание со злоупотреба на европското знаменце“, изјави пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Благица Ласовска.