Повикот за протест против загадениот воздух пред Собранието во сабота е анонимен, односно не е познато кој стои позади неговата организација. За овој настан, граѓаните најпрво се информираа во приватни пораки на Фејсбук, а потоа беше креиран настан „Канцерогено Општество Сабота 13:00 Пред Собрание“.

Настанот до денеска не е пријавен ниту во МВР, информираа од таму за „Мета“. Иако од МВР велат дека тие законски не се обврзани да го пријават протестот, според искуството до сега и организаторите на масовниот протест пред три години, тоа е пожелно пред се од безбедносни причини.

Во повикот за протест на „Фејсбук“, меѓудругото главно барање е „владата и институциите да престанат со така наречени решенија кои дирекно удираат по џебот на најсиромашните, а крупните капиталисти и најголемите загадувачи остануваат недопрени“.

Еко-активистката Ели Пешева смета дека лошо организиран протест прави многу голема штета на целиот активизам, на сите граѓански напори за подобрување на работите.

„Немам никаква дилема дека состојбата ни е за еден сериозен, масовен, па и радикализиран протест. Но, по стоти пат ќе кажам, дека сомнително непотпишан повик од типот „ако не го пуштиш на 20 луѓе во следните 5 минути…” или лошо организиран протест прави многу голема штета на целиот активизам, на сите граѓански напори за подобрување на работите. Повикот на протест мора да има јасно потпишани иницијатори како и прецизни причини/барања. Се друго е обид за манипулирање на граѓаните кои загадувањето ги доведе до раб на нерви и евентуални бонуси за одреден мал број луѓе кои имаат одредена агенда. Значи или е многу дилетантски и несериозно подготвено или има за цел, вакво неорганизирано и хаотично, да ги демотивира граѓаните од секое идно сериозно собирање и протестирање“, вели Пешева.