Повик за учество на студентите на 30-тата Летна школа по архитектура што ќе се одржи онлајн

Архитектонскиот факултет при УКИМ од 13 до 19 септември годинава ќе ја одржи 30-тата јубилејна Летна школа по архитектура, која што како и лани, ќе биде во онлајн формат и ќе го обработува регионот на Лазарополе. Настанот ќе биде предводен од словенечката архитектка и професорка на Архитектонскиот факултет во Љубљана Маруша Зорец. Таа е дел од студиото Arrea и нејзината творечка кариера е позната по низа реновации на историски објекти и урбани интервенции.

„Во 1949 и 1950 година, словенечкиот архитект Душан Грабријан и дел од неговите студенти патуваа низ селата во Македонија. Прекрасна книга произлезе од ова истражување, опремена со скици и фотографии, кои ќе бидат водич во нашето патување. Работилницата ќе биде структурирана по денови и ќе ги покани сите студенти да учествуваат во процесот на реобмислување на идејата како да се вклучат традиционалните материјали и техники во креативен процес што треба да се испланира во 2021 година и да изгради нов простор за заедницата во 2022 година“, се наведува во повикот за учество на Летната школа по архитектура.

Од факултетот информираат дека англискиот ќе биде официјален јазик на Летната школа по архитектура, додека за учество на настанот не е предвидена котизација од студентите. Заинтересираните студенти треба да аплицираат најдоцна до 20 јули на [email protected] со биографија и свое портфолио со максимум 5 проекти од досегашната работа.

Избраните студенти ќе бидат информирани дека се селектирани за учество на Летната школа не подоцна од 26 јули. Сите учесници на овој настан се охрабруваат да го посетат селото Лазарополе пред учеството на Летната школа по архитектура.