Europe House Skopje и стрип книжарницата „Бункер“ на 20 април, со почеток од 18 часот, организираат интерактивна работилница за стрип, која што има за цел да ги запознае сите заинтересирани лица со супер хероите и антихероите кои живеат во стрипот. Преку овој настан, ќе може да се дознаат повеќе детали и анегдоти за стрип јунаците и начинот на кој тие се создаваат.
Пријавувањето на сите заинтересирани лица е преку мејлот [email protected] , најдоцна до 20 април до 12:00 часот.
Работилницата се состои од два дела, и тоа теоретски осврт кон стрипот, историскиот развој и правци во стрип уметноста, поврзаноста на стрипот со филмската уметност, стрипот како инспирација за најпопуларните видео игри. Предавач на првиот дел ќе биде Јован Битољану, ко-основач на стрип книжарницата „Бункер“.
Вториот дел од работилницата на тема „Како се создава стрипот? Осврт на процесот на креирање на стрипот и илустрациите“ ќе го предава Михајло Димитриевски „Тхе Мичо“, којшто е познат автор на стрипот и илустрацијата не само во земјава, туку и во глобалната индустрија на друштвени игри и стрипови.
„Работилницата ќе биде интерактивна – сите учесници ќе можат да поставуваат прашања и да дадат свој придонес во дискусијата. Работилницата е бесплатна и отворена за сите заинтересирани кои сакаат да дознаат повеќе за стрипот како уметност и влијанието кое го има во поп културата“, се наведува во поканата за учество на настанот до сите заинтересирани лица.