Повик за учество на фестивал до млади артисти од областа на визуелни уметности, музика и поезија

Он-лајн Интернационалниот Алтернативен Фестивал “Театарски Европски Алтернативи” – STURM UND DRANG објавува јавен повик за програмата НОВ БРАН (New Wave) која ќе биде дел од програмата на првото издание на Фестивалот кој ќе се одржува од 17.09. до 23.09. 2021 година, информираат организаторите.

Покрај Интернационалната и Студентската програма, во рамките на Фестивалот, секоја година ќе се претставуваат уметници од земјата која е во фокус. НОВ БРАН е гласот на уметниците ширум светот.

Оваа година објавен е повик за учество на уметници од нашата земја во неколку категории: визуелни уметности (фотографија и дизајн на постер), музика и поезија.

Темата на која уметниците ќе творат е ПРОДОР. Од секоја категорија селекторите ќе ги изберат најдобрите тројца кои ќе се претстават со своите дела на Фестивалот.

На крајот публиката со онлајн гласање за време на фестивалот ќе го избере најдоброто дело, а на уметникот ќе му биде врачена официјалната награда на фестивалот за НАЈДОБРО ДЕЛО на тема ПРОДОР.

Конкурсот ќе биде спроведен анонимно. Делата од страна на организаторот до селекторите ќе бидат испраќани без наведено име и презиме на уметникот. За селектори на програмата се избрани Џијан Емин за музика, Никола Маџиров за поезија и Дејан Џолев за визуелни уметности.