Повик за учество на Европски студентски инженерски натпревар во организација на „БЕСТ Скопје“

Фото: БЕСТ Скопје

Невладината студентска организација „БЕСТ Скопје“, како дел од меѓународната  студентска организација „БЕСТ“ (Борд на европски студенти по технологија) по 12-ти пат го организира европскиот студентски тимски инженерски натпревар – ЕВЕС 2022 (European BEST Engineering Competition) во периодот од 28-ми февруари до 4-ти март.

За натпреварот тие бараат креативни личности кои немале можност да ја истакнат таа твоја особина и имаат одлични тимски способности и колеги со кои би ги испробале.

„Ова е настан на кој му е потребна твојата иновативност како и твоите тимски и логички способности. Во тој случај, EBEC е твојот вистински предизвик“, велат од „БЕСТ Скопје“. 

Настанот е наменет за поттикнување на креативно решавање на комплексни проблеми преку тимска и практична работа. Имено, сите натпреварувачи се „предизвикани“ во две категории: Студија на случај (Case Study) и Иновативен дизјан (Innovative Design). 

„Задачите и проблемите со кои ќе се соочите, ќе бидат зададени од страна на партнер-компаниите. Вашата работа ќе биде следена и оценувана од страна на стручно жири составено од претставници од партнер-компаниите, како и професори од техничките факултети при УКИМ. Победниците од локалното ниво продолжуваат на регионално ниво, од каде што имаат шанса да одат на финалното, европско ниво, со што имаат одлична можност да се запознаат со млади луѓе од други европски земји и да искусат поинаква работна средина“, соопштуваат од организацијата. 

Предуслов за учество на EBEC е да се собере тим од четворица колеги, да се направи стратегија преку која ќе се истакнат способностите за решавање на инженерски проблеми. Воедно, сите учесници ќе имаат прилика да се запознаат со претставници од партнер-компаниите на EBEC 2022, Mikrosam и Јohnson Matthey.

Доколку немаш тим, можеш да се пријавиш сам на формата, а потоа ние ќе те информираме за тимот кој ќе го креираме за тебе. Не ја пропуштај шансата да бидеш дел од овој незаборавен настан, да ги испробаш твоите способности, да се запознаеш со претставниците од компаниите како и врвни инженери од различни области“, нагласуваат од „БЕСТ Скопје“.

Формата за пријавување на тим или единствн учесник е достапна ТУКА.

Повеќе информации околу пријавувањето и други изненадувања може да се пронајдат на социјалните мрежи на студентската организација „БЕСТ Скопје.“