Повик за столарска работилница за изработка на статуетки од искористени материјали

Фото: Одржливи иницијативи

Граѓанското здружение „Одржливи иницијативи“ од Скопје, во соработка со меѓународниот Ехо – Фестивал на планински филм, организира Креативна столарска работилница на која ќе се изработуваат предлози статуетки за најдобар еколошки филм. Работилницата ќе се одржува во периодот од 21 до 30 јуни 2022 година.

„На оваа работилница, во духот и мотото на Столарскиот едукативен центар, учесниците ќе имаат можност остатоците од мебел индустријата да ги претворат во
креативни предмети кои понатаму, потенцијално ќе бидат избрани да бидат статуетки за најдобар еколошки филм на 13-тото издание на меѓународниот Ехо – Фестивал на
планискиот филм,“ вели координаторот на проектот, Бојан Ранташа.

Креативната столарска работилница ќе се одржува секој вторник и четврток во периодот од 18 до 20 часот во центарот на Скопје, во просториите на Пасворд продакшн, каде се активностите на Столарскиот едукативен центар.

Пријавувањето за работилницата може да се направи до 18 јуни преку пополнување на формуларот што е достапен на интернет страницата на Одржливи иницијативи.

„Охрабруваме да се пријавуваат жени и млади лица“, се вели во повикот.

Столарскиот едукативен центар, како идеја на здружението на граѓани Одржливи
иницијативи, започна со организирање на активности од март оваа година и ова е
четврта по ред работилница која се организира, а на која учесниците преку работа и
водство на професионални столари учат и ги подобруваат своите вештини во областа на столарството.

Работилницата се организира во рамки на проектот Столарска едукативна работилница за намалување на отпадот од индустријата за мебел во Скопје, проект реализиран од страна на Здружението на граѓани Одржливи иницијативи од Скопје, во соработка со компаниите Акрон, Бранимир компани, Фамод, Про-дизајн, Монозеро, Југоимпекс, Блажич, Биба терк, Инфини студио, Дрвотекс, Сканда дизајн и Пасворд продакшн, а е поддржан од Проектот е финансиран од Програмата за мали грантови (ПМГ) на Глобалниот еколошки фонд (ГЕФ).