Повик до младите од Вардарски и Југоисточен регион за учество на обука за визуелизации на податоци

Фото: Мета.мк

Фондација Метаморфозис, во партнерство со Меѓународниот центар за новинари (International Center for Journalists – ICFJ), а со поддршка на Амбасадата на САД во Скопје, го објави третиот повик за учество на млади новинари и сите заинтересирани млади на возраст до 29 години во Програмата за медиумска обука.

Апликацијата за третата работилница на тема Новинарство засновано на податоци и визуелизации на податоци е веќе отворена. Право на учество во оваа обука имаат учесници кои се жители на Вардарскиот и Југоисточниот регион. Сите заинтересирани можат да аплицираат на следниот линк. Обуката ќе се одржи од 26 до 28 април во Струмица, а рокот за аплицирање на сите заинтересирани е до 17 април.

Покрај учеството на оваа обука, на младите им се укажува шанса преку програмата да бидат избрани за едномесечно практиканство во еден од трите медиуми на Фондацијата Метаморфозис – Мета.мк, Порталб.мк или Вистиномер.мк. Двајца млади што ќе бидат избрани од учесниците на четирите обуки што ги организира Фондацијата Метаморфозис и ICFJ ќе имаат можност да отпатуваат на студиска посета во седиштето на ICFJ во Вашингтон, САД.

Програмата за медиумска обука што ја спроведуваат Фондацијата Метаморфозис и ICFJ ќе им обезбеди на младите новинари неопходни вештини за висококвалитетно известување со користење податоци и потврдени факти, ќе ги запознае со примената на економични дигитални алатки или алатки со отворен код во нивната работа и ќе ги поврзе со колеги со слични размислувања за размена во врска со заедничките проблеми и потенцијалните решенија.

Обуката за Новинарство засновано на податоци и визуелизации на податоци што ќе се одржи од 26 до 28 април во Струмица ќе ја реализира еминентниот новинар на „Њујорк тајмс“, Роберт Гебелоф, кој воедно предава дата новинарство на Факултетот за новинарство при Универзитетот Колумбија во Њујорк. Покрај Гебелоф, обучувачи ќе бидат и Горан Ризаов и Бојан Блажевски, уредници во Новинската агенција Мета.