Повеќето граѓани го поддржуваат правото на мирен Марш на гордоста

Во пресрет на втората Парада на гордоста во Скопје, која се одржува денеска, Civil Rights Defenders (Бранители на човековите права) спроведоа истражување на јавното мислење кое, како што велат, окажало дека мнозинството граѓани на Северна Македонија го поддржуваат правото на ЛГБТИ+ лицата да одржат мирен Марш на гордоста.

На прашањето дали се согласуваат со тоа дека ЛГБТИ + лицата треба да имаат право мирно да маршираат низ Скопје, 55 отсто од испитаниците одговориле позитивно. Ова претставува подобрување во споредба со резултатите од 2015 година кога 47% од граѓаните дале потврден одговор на ова прашање.

„Главен фактор што придонесува за ваквите резултати е прашањето дали граѓаните се во комуникација со ЛГБТИ + лицата. Осумдесет и три отсто од граѓаните кои се во комуникација со ЛГБТИ + лицата се согласуваат со нивното право да одржат Марш на гордоста. Запрашани за причините зошто се организира Парадата на гордоста, повеќето испитаници (43 отсто) се согласуваат дека таа има легитимна цел „ЛГБТИ + лицата да го свртат вниманието на јавноста на својата ранлива позиција“ наспроти мислењето дека „таа се организира за да го провоцира мнозинството кое што не го поддржува нивниот животен стил ”(40 отсто)“, порачуваат „Бранители на човековите права“.

Освен оние кои комуницираат со ЛГБТИ + лицата, најпозитивните одговори дошле од помладите испитаници (18-29 години ), кои имаат високо образование и живеат во урбани средини. Дури 70 отсто од испитаниците се согласуваат дека „ЛГБТИ + лицата се граѓани како и сите други“, што претставува забележителен пораст во однос на 2015 година кога 54% од испитаниците се согласиле со оваа изјава.

Коментирајќи ги овие наоди, Програмскиот координатор на Civil Rights Defenders за Северна Македонија, Дамјан Здравев, изјави дека резултатите од анкетата се ветувачки.

„ЛГБТИ + заедницата во Северна Македонија, како и поголемиот дел од Западниот Балкан, е сосема свесна за сè поголемите предизвици кои претстојат на патот на обезбедувањето на праведно и рамноправно општествово кое ЛГБТИ + лицата нема да бидат дискриминирани и исклучувани. Сепак, овие анкети покажуваат ветувачки сигнали дека нештата се движат во вистинската насока и дека општеството покажува сè повеќе разбирање за потребите на оваа група. Несомнено, првата Парада на гордоста во Скопје во 2019 година и неуморната работа на ЛГБТИ + активистите одиграа важна улога во нагласувањето на овие проблеми, што е уште поголема причина да се излезе и да се изрази солидарност со заедницата за време на саботниот марш”, рече Здравев.

„Бранители на човековите права“ наведоа дека анкетата е спроведена со помош од агенцијата ИПСОС Стратешки маркетинг на репрезентативен примерок од над 6.000 испитаници.