„Родовата еднаквост и присуството на жени во воените и безбедносните структури ги прават општествата помирни, постабилни и поотпорни. Или што би рекле, повеќе жени, повеќе мир“, рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска Јанковска на промоцијата на вториот Национален акциски план за имплементација на Резолуцијата 1325 на Обединетите нации „Жени, мир и безбедност“. Резолуцијата, донесена од Советот за безбедност на ОН пред точно 20 години ја афирмира улогата на жената во превенција на конфликти, во мировни опреговори, во градење и одржување на мирот, во хуманитарни мисии и во постконфликтни операциии реконструкција на општествата. Резолуцијата ги поттикнува државите да ја зајакнат и зголемат улогата на жените во општеството.
– Резолуцијата 20 години е клучна алатка во рацете на политичките лидери за повеќе и подобро да ги вклучат жените во тешки, деликатни, па и опасни процеси, нагласи Шекеринска.
Првиот национален акциски план за резолуцијата бил донесен за 2012-2015 година, но овој се разликува од првиот затоа што се инсистира во неговото спроведување да учествуваат сите институции, граѓанскиот сектор но и целото општество, рече британскиот воен аташе потполковник Енди Лејтон, кој на панел-дискусијата присуствуваше во име на британската амбасадорка Рејчел Галовеј. Обединетото Кралство го поддржало подготвувањето на акцискиот план и најави дека ќе продолжи сон поддршката.
– Националниот акциски план е јасен показател за евроатлантски аспирации и пат, во чија основа лежат вредностите, стандардите и правата на сите граѓани, рече Лејтон, кој нагласи дека планот предвидува мерлив напредок, транспарентност, отчетност и одговорност.
На промоцијата се обратија и припаднички на Министерството за одбрана и на АРМ на раководни позиции, меѓу кои и командантката на Военомедицинскиот центар, аѓутантката на претседателот Стево Пендаровски и првата македонска претставничка во мировната мисија на ОН УНИФИЛ во Либан, која штотуку се врати во земјата.