Повеќе возење велосипед и понови возила се услов за поеколошки транспорт

Фото: Делегација на ЕУ во Скопје

Повеќе да се користи велосипедот како превозно средство, да се подобри патната инфраструктура и јавниот транспорт за да се намали загадувањето, да се покрене свеста за нашата околина, но и да се воведат поригорозни правила за увоз на стари возила, се дел од заклучоците на дебатата „Европски зелен договор: обезбедување ефикасен, безбеден и еколошки транспорт“ инспирирана од тековната изложба „Розеви тигри и златни гуштери и што уште не“, што вчера се одржа во резиденцијата на Европската Унија во Скопје.

Присутните на дебатата апелираа да се намали бројот на возила на улиците, бидејќи постои тренд секој член на домаќинството да има свој автомобил. Потребни ни се подобри патишта за побрз транспорт, што ќе значи помалку штетни емисии и намалено време на патување.

„Многу е важно да се постават построги правила за увоз на стари автомобили и старосната година да биде повисока. Дозволивме увоз на многу стари возила од странство, а тоа е голем проблем“, потенцира проф. д-р Верица Данчевска, експерт за сообраќајна политика и транспортна економика на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола.

Во С. Македонија годишно се увезуваат во просек по 40.000 возила. Во 2021 година сме имале околу 500.600 возила, од кои 55 проценти се дизел, 43 проценти се бензин, а само три проценти користат алтернативно гориво. Според Пеце Андоновски од Министерството за економија, во земјава просечна старост на патничките возила е над 19,5 години, а за транспортните возила е над 18,8 години.

Општина Велес беше издвоена како позитивен пример за преземање вистинска мерки за намалување на сообраќајниот хаос и на големото загадување, благодарение и на вклучувањето на Општината во европски проекти. Според Јадранка Стефкова, советничка за планирање на економскиот развој во Велес, општините иако немаат пари, не треба да седат со скрстени раце, туку треба да ги користат европските фондови што се на располагање. Во овој град тие се фокусирани на обезбедување пешачка и велосипедска инфраструктура со цел да се олесни сообраќајот во централното градско подрачје и да се подобри јавниот превоз.

„Во Велес се возат многу возила, така што загадувањето е енормно. Решивме да ги следиме препораките на Европската Унија и станавме дел од европска мрежа во која има градови од цела Југоисточна Европа, како и европски земји, и можеме да видиме како тие приоѓаат кон решавање  слични проблеми на нашите. Одлучивме да почнеме да работиме стратешки и направивме прв план за сообраќајна мобилност“, вели Стефкова.

Хибридните возила, смета Дарко Мицески, раководител на сектор за ЕУ и ИПА координатор-дел транспорт во Министерството за транспорт и врски, се најоптимални во овој период како преодна фаза. Тие користат многу помалку гориво, а функционираат на хибриден режим на работа кој не загадува колку класичните моторни возила. Сепак, тие се многу скапи за македонскиот животен стандард, а и немаме добра инфраструктура за нив.

Младиот европски амбасадор Филип Миленкоски истакна дека младите често ги избираат електричните скутери како превозно средство, но дека и тие законски не се добро регулирани. Тој посочи дека се дискриминирани студентите на приватните универзитети, бидејќи не добиваат бесплатен автобуски превоз. Деканот на Машинскиот факултет во Скопје, Дарко Данев, пак, апелираше да се работи на сообраќајната култура, особено со децата од најмала возраст.