Нагло е зголемен бројот на заболени лица од грип и болести слични на грип во првата недела од новата година, покажува последниот извештај на епидемиолозите од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Во текот на првата недела од 2026 година, регистрирани се вкупно 1.725 случаи, што е 2,2 пати повеќе во споредба со претходната недела. Во однос на истиот период од минатата сезона, односно првата седмица од јануари, бројот на заболени е зголемен за повеќе од пет пати, а во споредба со типичната епидемиска крива, зголемувањето е речиси 39 проценти. Со тоа инциденцата на национално ниво е над границата на средна активност на вирусот на грип, што укажува на влез во поинтензивна фаза на сезоната.
Децата најпогодени
Според бројките на ИЈЗ, децата се најпогодени од грип и болестите слични на грип.
„Најголема инциденца е регистрирана кај децата на возраст од 5 до 14 години, каде таа изнесува 287,7 случаи на 100.000 жители. Од вкупниот број заболени, 749 лица се на возраст од 15 до 64 години, 618 се деца од 5 до 14 години, 229 се деца од 0 до 4 години, а 129 се лица над 65 години“, се наведува во извештајот на ИЈЗ.
Најголем број грипозни има во Скопје (716 случаи), па следува Тетово со 339 случаи, Куманово 150 и Велес 109. Многу висока активност на грипот е регистрирана во Дебар, висока во Велес и Тетово.
Од почетокот на сезоната 2025/2026 досега, вкупно се регистрирани 3.825 случаи, што е 2,8 пати повеќе во споредба со истиот период лани.
Според епидемиолозите, се очекува бројот да расте во наредните недели. Процентот на позитивни лабораториски примероци е над 10 проценти веќе четири недели по ред, што укажува на висок интензитет на вирусот.
Здравствените власти апелираат граѓаните да ги почитуваат општите мерки за превенција – избегнување гужви, често миење на рацете, редовно проветрување на просториите, топло облекување и внесување топли напитоци, со цел намалување на ризикот од инфекција.
Според податоците од Управата за електронско здравство, од почетокот на вакцинацијата вакцинирани се вкупно 77.119 лица со бесплатни вакцини, а со комерцијални вакцини се вакцинирани вкупно 1.812 лица.
Ординациите полни со пациенти
Лекарите велат дека пациенти кои доаѓат кај нив и бараат лекарска помош, имаат малаксаност, температура, вртоглавици, а пациенти и по прележан грип, се жалат и на упорна, исцрпувачка кашлица што не реагира на терапија. Најчести симптоми кои се јавуваат се висока температура (38 до 40 степени), силна главоболка, болки во мускули и зглобови, изразена малаксаност и исцрпеност, треска, кашлица.
„Имаме пациенти со висока температура без други изразени симптоми, но потоа следуваат главоболки, долготрајна малаксаност од три до четири недели, вртоглавици, па дури и изгубеност во однесувањето, подзаборавање, поспаност и општа исцрпеност. Ова го гледаме и кај мали деца и кај возрасни“, вели д-р Весна Стојанова Анастасовска, педијатар и семеен лекар во „Медико Марија“.
Според неа, терапијата при вируси инфекции не вклучува антибиотик, туку се практикува инфузија со витамини која ја подобрува клиничката слика.
Од друга страна, пациенти на социјалните мрежи сведочат за симптоми кои им го нарушуваат секојдневието, посебно кога станува збор за упорна кашлица по прележан грип.
„Се работи за прележан грип, но остана упорна кашлица, буквално на една минута се појавува агресивно кашлање, без секрет и без наод на бели дробови. Посетен лекар, пробано е сѐ можно, од прашаци, сирупи, да напоменам и испиена тура антибиотик. Ништо не помага“, пишува една девојка во групата „Ковид 19 и здравствени икуства и совети“.
Лекарите потсетуваат дека ваквите поствирусни состојби не се ретки и бараат трпение, симптоматска терапија и внимателно следење. Ако симптомите се влошуваат или траат предолго, се препорачува повторна лекарска проценка за да се исклучат компликации.
