Бројот на жртви од протестите низ Иран нагло се зголемил и сега изнесува најмалку 544 лица, пренесува Дојче Веле.
Американската организација „Human Rights Activists News Agency“ (HRANA) соопшти дека повеќе од 10.600 луѓе биле уапсени. Според нивните податоци, 496 од загинатите биле демонстранти, а 48 биле припадници на безбедносните сили. Активистите предупредуваат дека бројката веројатно ќе продолжи да расте.
Тие велат дека исклучувањето на интернетот и блокираните телефонски линии го отежнуваат утврдувањето на вистинскиот обем на немирите. Податоците на организацијата се базираат на проверени извештаи од активисти во и надвор од Иран. Иранската влада, пак, сè уште нема објавено официјални податоци за вкупниот број на загинати.
Новинари и организации за човекови права известуваат дека демонстрантите се убиваат во голем број, според информациите што тешко и бавно излегуваат од Иран.
Германско-иранската активистка Даниела Сефери за Дојче Веле зборуваше за опасностите со кои се соочуваат луѓето што излегуваат на улица да протестираат.
„За луѓето е исклучително опасно да излезат и да протестираат, но тие сепак го прават тоа. Добиваме ужасни извештаи за масакри“, изјави Сефери.
Таа додаде дека безбедносните сили на режимот директно ги таргетираат демонстрантите и дека „влегуваат во болниците за да ги киднапираат ранетите“.
Сефери зборуваше и за тешкотиите при проверката на бројот на загинати и повредени.
„Многу е тешко да се проверат бројките што ги добиваме поради исклучениот интернет. Преку Старлинк можат да се добијат некои видеа. Иранските медиуми во егзил ги проверуваат цел ден“, објасни таа.
„Можеме само да претпоставиме дека во последните два или три дена биле убиени илјадници луѓе“, додаде Сефери.
На прашањето зошто режимот користи вакви екстремни мерки за да ги задуши протестите, Сефери вели дека режимот знае да одговори само со насилство, бидејќи не се грижи за барањата на народот, дојдавајќи дека ваквото задушување на протестите е „најбруталното што сме го виделе“.
„Јазот меѓу богатите и сиромашните е толку голем што во Иран речиси и не постои средна класа. Колку повеќе се збогатува елитата, толку повеќе осиромашува народот“, заклучи Сефери.
Протестите започнаа кон крајот на декември во главниот град Техеран, поради сериозните економски проблеми и падот на вредноста на националната валута. Инфлацијата порасна на повеќе од 42%, а иранскиот ријал падна на околу 1,7 милиони за еден американски долар, најниско ниво досега. Немирите брзо се проширија од Техеран и во други градови и населени места низ земјата.
Иран со деценија е управуван од теократскиот режим, откако последниот шах беше соборен во Исламската револуција во 1979 година. Овие протести се најсериозниот предизвик за исламскиот режим по движењето „Жени, живот, слобода“ од 2022 година, кое избувна по смртта на Џина Махса Амини во полициски притвор.
Сепак, иранскиот режим е далеку од колапс, вели експерт за Блискиот Исток. Даниел Герлах, експерт за Блискиот Исток и главен уредник на списанието „Zenith“, изјави за DW дека иако протестите во Иран се интензивни, опозицијата не е добро организирана.
„Иранскиот режим се погрижил таква организирана опозиција никогаш да не постои“, рече тој.
Според Герлах, повеќето од околу пет милиони Иранци што живеат во странство се против Исламската Република поради политички, социјални или економски причини.
Иако има гласни и добро организирани групи кои бараат враќање на шахот, кој беше соборен од ајатолахот Хомеини во 1979 година, тие сепак се малцинство.
„Луѓето во Иран ретко се согласуваат дека би било добра идеја повторно да се воспостави монархија“, додава тој.
Што се однесува до моменталната состојба на режимот, Герлах смета дека нема знаци за негов брз пад.
Според него, петте столба на Исламската Република – разузнавачките служби, Револуционерната гарда, верските лидери и судството сè уште функционираат стабилно и не покажуваат знаци на распаѓање или преминување на страната на демонстрантите.
