Извор: Скриншот од снимка на јавниот радиодифузен сервис на Ерменија

Од почетокот на судирите околу Нагорно-Карабах, кои траат повеќе од една недела, според официјалните извештаи од Баку и Ереван, на азербејџанската страна погинале 27, а на ерменската 19 цивили, додека 141 цивилно лице е рането, соопшти денеска руската агенција ТАСС, повикувајќи се на извори од азербејџанскиот јавен обвинител. Се додава дека во гранатираните населени подрачја се оштетени 63 цивилни објекти и 376 станбени згради.

Ерменскиот министер за здравство Арсен Торосјан соопшти дека во Нагорно-Карабах, погинале најмалку 19 цивили, додека 80 се ранети. Ерменските власти во повеќе наврати тврдеа дека азербејџанските сили со различно оружје гранатираат населби во Нагорно-Карабах меѓу кои и главниот град на непризнаената држава, Степанакерт.
Замрзнатиот конфликт меѓу Азербејџан и Ерменија околу спорната област Нагорно Карабах, повторно се распламте на 27 септември.

Турскиот шеф на дипломатијата Мевлут Чавушоглу денеска ќе го посети Азербејџан, блискиот сојузник на Турција, за да разговара околу конфликтот во Нагорно-Карабах. Според турското Министерство за надворешни работи, Чавушоглу ќе оди во работна посета, ќе се состане со азербејџанскиот претседател Илхан Алијев и ќе размени мислења за ситуацијата во регионот Нагорно-Карабах со својот азербејџански колега.

Претходно, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтемберг ја повика Турција, која е главен сојузник на Азербејџан, да изврши влијание за смирување на состојбата во таа област каде војуваат Азербејџан и Ерменија.