Повеќе од 30 волонтери од граѓанското Здружение за унапредување мерки за заштита од пожари „Доброволно пожарникарство“ од Тетово, заедно со граѓани од седум општини кои гравитираат на територијата на новиот национален парк „Шар Планина“ ќе се грижат за безбедноста и заштитата на планината од пожари. Волонтерите деновиве поминаа обука за справување со пожари на отворен простор, а во иднина е планирано да се организираат повеќе слични обуки и бројот на обучени лица, кои ќе можат рано да дејствуваат при појава на шумски пожари, да се зголемува.
Пожарникарите-доброволци деновиве ги посетија и министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Беким Максути и ја поздравија активноста на Управата на новиот национален парк „Шар Планина“.
„Ме радува што гледам дека грижата за природното богатство на оваа наша планина предизвика ваков интерес и подготвеност за вклучување во нејзината заштита од волонтери од сите општини што се дел од ова заштитено подрачје“, истакна Нуредини.
Зајакнувањето на граѓанскиот сектор во доброволното гаснење на пожари опфати теми како вовед во системот за заштита и спасување, права и обврски на институциите во системот за заштита и спасување од пожари со практична употреба на ПП апарати и хидрантската мрежа, прва медицинска помош, мерки за заштита и спасување, евакуација и згрижување на загрозеното население, лична и колективна заштитна опрема, тактика и техники на гаснење на шумски пожари на отворен простор, штети на шумите од пожар и заштита на шумите, како и практичен дел, употреба на гребли, ПП метли, грбни пумпи, воздушни дувалки и моторни грбни пумпи за вода.
Директорот Максути предаде десет пара заштитни комбинизони за интервенција на отворен простор од страна на ДЗС за потребите на националниот парк, а директорот на ЈУНП „Шар Планина“, Ибрахим Дехари, упати апел до жителите и љубители на природата да се однесуваат одговорно при посета на националниот парк.
Реализацијата на обуката беше овозможена со поддршка на Светскиот фонд за природа (WWF Adria), Центарот за едукација и развој од Теарце (CED) и Шведската агенција за развој и соработка (SIDA).