Во текот на третата недела од 2026 година, од 12 до 18 јануари, во Македонија се пријавени вкупно 2.062 случаи на заболени од грип и заболувања слични на грип, објави Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Иако бројот на пријавени случаи е за 11,2 проценти помал во споредба со претходната недела, здравствените власти предупредуваат дека интензитетот на вирусот и натаму останува висок.

„Во споредба со истата недела од минатата сезона, кога биле регистрирани 1.412 случаи, бројот на заболени годинава е зголемен за 46 проценти. Во однос на типичната епидемиска крива, моделирана врз основа на податоците од последните 15 сезони, бројот на случаи е понизок за 6,9 проценти. Пријавената инциденца и натаму е над неделната граница за средна активност, што укажува на засилена циркулација на вирусот на грип“, се наведува во информацијата од ИЈЗ.

Најголем број заболени се регистрирани кај лицата на возраст од 15 до 64 години, вкупно 1.274 случаи. Сепак, највисока инциденца, од 289,1 случај на 100.000 жители, е забележана кај децата на возраст од 0 до 4 години. Во оваа возрасна група се пријавени 279 случаи, додека кај децата од 5 до 14 години се регистрирани 243 случаи. Кај лицата постари од 65 години се пријавени 266 заболени.

Заболени лица се евидентирани во 29 центри за јавно здравје низ државата. Најголем број случаи се регистрирани во Скопје – 556, по што следуваат Тетово со 146, Охрид со 142, Битола со 139 и Куманово со 137 пријавени случаи. Во повеќе помали општини бројот на заболени е под 30.

Многу висока активност на вирусот на грип е регистрирана во Дебар, Охрид, Свети Николе и Кавадарци, додека висока активност е забележана во Кратово, Штип и Виница. Во поголем дел од земјата е регистрирана средна до сезонска активност, а во две единици е евидентирана многу ниска активност на вирусот.

Во текот на третата недела од 2026 година пријавени се и два смртни случаи асоцирани со грип. Станува збор за жена на возраст од 75 години од Скопје и маж на возраст од 69 години од Кавадарци. Двајцата пациенти биле хоспитализирани на Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје. Кај нив лабораториски е потврдено присуство на вирусот Influenza A, имале коморбидитети и не биле вакцинирани против сезонски грип.

Податоците од вирусолошкиот надзор покажуваат дека грипот има регионална географска распространетост, а процентот на позитивни примероци е над 10 проценти веќе шест недели по ред, што укажува на континуирано и интензивно ширење на вирусот. И покрај благото неделно намалување на бројот на заболени, надлежните институции предупредуваат дека во земјава и натаму е присутен висок интензитет на грип, особено ризичен за повозрасните лица, хронично болните и невакцинираните граѓани.