ДУИ неосновано тврди дека поништување на тендерот за поставување на сообраќајна сигнализација на државните автопати во согласност со законот за употреба на јазиците е без преседан, божем не се правеше кога директор на ЈП држaвни патишта беше од нивните редови и нивниот последен коалициски партнер. Исто така, без докази се тврди дека менувањето на таблата кај Блаце било насилно и вонинституционалнo. А, се разгоруваат и емоциите со тоа што во ист здив се вели дека не е легитимна владејачката коалиција и дека владата е моноетничка, пишува „Вистиномер“.
Во соопштение на Демократска унија за интеграција (ДУИ), околу тендерот за поставување на сообраќајна сигнализација на државните автопати во согласност со законот за употреба на јазиците, беа изнесени неколку спорни изјави кои може да ги оцениме како невистини:
Не престануваат скандалите со албанскиот јазик. Јавното претпријатие за државни патишта ги стопираше постапките за проектот на претходното раководство кој имаше за цел промена на сите сообраќајни знаци на автопатиштата, согласно законот за употреба на албанскиот јазик. Ова е чекор без преседан и штетен за спроведувањето на законот кој гарантира јазична еднаквост.
Демократската унија за интеграција предупредува дека овие неуспеси се резултат на недостатокот на изборен легитимитет на оваа власт, нејзината јасна неспособност да управува со клучните процеси и нејзината зависност од политичките влијанија на ВМРО.
…
Наместо да се соочат со своите одговорности, губитниците на изборите се обидуваат да ги прикријат овие масовни неуспеси со неосновани политички напади и непотребни прогони. Насилното, самоволно и вонинституционално отстранување на таблите на границата со Косово и враќањето на старите табли е уште еден показател за неспособноста на оваа власт да ги спроведе институционалните и правни стандарди. Жално е што по повеќе од 100 дена владеење, ова моноетничко раководство сè уште се обидува да ги обвинува другите за своите постојани неуспеси. Овие акции не само што ги поткопуваат државните институции, туку претставуваат и јасен чин на дискриминација на Албанцитe.
[Извор: ДУИ, официјално соопштение, пренесено од А1он – датум: 15.09.2024]
Образложение: На почеток, точно е тоа дека од ЈП државни патишта донесена е одлука за поништување на постапката во врска со тендерот за „Поставување на сообраќајна сигнализација за водење на државни патишта согласно законот за употреба на јазиците“. Како што се наведува и во соопштението на ДУИ, ова може јасно да се види на страницата за јавни набавки — број на оглас 03571/2024. Таму го пишува следното:
Доаѓаме до првиот спорен момент во соопштението. Зашто, како што пишува во досието зa поништување на постапката, не била поднесена „ниту една понуда или ниту една прифатлива“. Од сите документи што се достапни во досието на овој тендер, нема ниту еден документ каде се наведува дека некому бил доделен договорот, ниту пак може да се најдат јавни известувања кому бил доделен договорот за спроведување на овој тендер. Тоа значи дека не е „завршен процесот на избор на фирма за реализација на проектот“, како што наведуваат од ДУИ.
Доколку се работи за наводно затскривање на документите и некоја поголема игра на политички реваншизам, во соопштението не се изнесуваат дополнителни докази и тогаш сосема би било легитимно обвинувањето од опозициската партија.
Дополнително, тенденциозно е да се каже дека „ова е чекор без преседан“, небаре не се поништуваа тендери кога директор на претпријатието беше Ејуп Рустеми од редовите на од ДУИ. Прегледувајќи само една година (од 01.01.2023 до 01.01.2024) можевме да најдеме барем 18 тендери кои биле поништени со истата одлука, односно образложение. Некои од поништените тендери може да се најдат тука, тука, тука, тука и тука.
Според извештајот на Центар за граѓански комуникации во кој се вршеше мониторниг на јавните набавки во периодот меѓу јануари и јуни 2020 година, се наведува дека секој трет тендер бил поништен и за време на претходникот на Рустеми, Зоран Китанов (од редовите на СДСМ). Најчестото образложение зошто биле поништени тендерите: „Најмногу поради немање понуди или поради неприфатливи понуди“ пишува во истражувањето. Следствено, нужно мора да се постави прашањето за каков преседан станува збор?
Доколку ова се однесува на превирањата околу таблата кај граничниот премин Блаце, тоа воопшто не е јасно од соопштението. Дополнително, во соопштението пишува „Насилното, самоволно и вонинституционално отстранување на таблите на границата со Косово[…].“ Ова е класичен пример за сензационализам и политизирање на нешто што треба да биде прилично обичен настан. Нема никакви докази дека имало насилно менување на таблата, ниту, пак, дека ова било направено од лица надвор надлежните институции. Вицепремиерот Изет Меџити од владиниот коалициски партнер „Вреди“, врати со свои обвиненија кон ДУИ:
Реагиравме институционално и грешката беше исправена веднаш. Ова е уште еден пример на злоупотреба од оние кои секоја можност ја користат за политичка дестабилизација. Компанијата што го изгради патот, заедно со фирмата што го доби тендерот за сигнализација, која е блиска до ДУИ, направија ваква грешка, изјави Меџити, како што пренесуваат од Лидер.
Следен дел што е спорен во соопштението е тоа што, повторно, се спроведува наративот дека на коалиционата влада меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Влен ѝ „недостасува изборен легитимитет“. Како што веќе пишуваше Вистиномер, иако во историјата имало неколку исклучоци, генералното „правило“ било владите да се составуваат по принципот победник од македонскиот и со победникот од албанскиот кампус. Но, ова не е де јуре правило кое мора да се следи, бидејќи прво ВМРО-ДПМНЕ направија отстапка во 2006 година, па потоа ДУИ отстапи на изборите 2016. А, ни во Охридскиот рамковен договор, ни во Уставот не се диктира кој со кого мора да состави влада.
Последно, мора да се акцентира и на потпалувачкиот дел каде што се наведува дека Владата предводена од Христијан Мицковски, е моноетничка. Оваа небулоза технички немаше да биде точна дури ниту ако Влен не влезеше во владејачката коалиција, бидејќу во редовите на ВМРО-ДПМНЕ има пратеници од другите етнички заедници, како Мевмед Џафери, а во самата влада има претставници од други етнички заедници. Но, бидејќи пратениците од коалицијата Влен се во владејачката коалиција, овој исказ не може да се интерпретира никако поинаку освен како дополнително разгорување на тензичните меѓуетнички односи.
Заради сите погоре посочени аргументи, соопштението ДУИ, каде што неосновано обвинува дека ваквото поништување на тендерот е без преседан, дека владата е моноетничка, дека нема легитимитет и дека менувањето на таблата бил насилен и вонинституционален акт, го оценуваме како невистинито.
ИЗВОРИ:
- (2024) ДУИ – Соопштение – [проверено на 19.09.2024]
- (2024) А1он – пренесено соопштение – [проверено на 19.09.2024]
- (2024) Електронски систем за јавни набавки – оглас број 03571/2024 – [проверено на 19.09.2024]
- (2024) СДК – Вест за таблата кај граничниот премин Блаце – [проверено на 19.09.2024]
- (2024) Лидер – Реакција на Влен за таблата кај граничниот премин Блаце – [проверено на 19.09.2024]
- (2024) Вистиномер – Оценка на изјава на Бујар Османи и волјата на народот – [проверено на 19.09.2024]
- Устав на РСМ – Устав, чл.90 – [проверено на 19.09.2024]
- Влада на РСМ – Рамковен договор – [проверено на 19.09.2024]
- (2024) Мета.мк – Говор на омраза и поделби на етничка основа – [проверено на 19.09.2024]
Оцени: Матеј Тројачанец