Повеќе нема да се гледа бројот на „недопаѓања“ на видеата објавени на Јутјуб

фото: Szabo Viktor на Unsplash

Јутјуб (YouTube) ја соопшти одлуката дека го прави броењето на „недопаѓања“ на видеата приватно, односно нивната бројка ќе биде видлива само за креаторите на видеата. Компанијата верува дека со оваа промена ќе ги заштити креаторите од вознемирувања и ќе ја намали заканата од „dislike напади“, што подразбира здружување на групи кои имаат за цел да го зголемат бројот на недопаѓања на некои видеа.

Но, иако бројот на недопаѓања нема да биде видлив за гледачите, самото копче „не ми се допаѓа“ (Dislike) нема да биде отстрането од видео-платформата. Корисниците сè уште ќе можат да ја кликнат оваа опција под некое видео за да сигнализираат дека истото не им се допаѓа, но вкупната бројка на корисници кои го кликнале ова коппче ќе биде видлива само за креаторите кои го имаат објавено видеото.

Одлуката на Јутјуб предизвика реакции на социјалните мрежи, поради тоа што недопаѓањата можат да послужат и како сигнал за корисниците кога станува збор за „clickbait“ видеа или видеа во кои се прикажуваат погрешни информации, што може да биде корисно.

Промената следи по експериментот што Јутјуб го спроведе претходно годинава, чија цел беше да утврди дали ваквите промени ќе ги намалат нападите на недопаѓање и вознемирувањето на креаторите. Како што соопшти Јутјуб, експериментот покажал дека особено новите и мали креатори кои штотуку започнувале со создавање видеа, неправедно биле цел на организирани напади и кликови на копчето за „недопаѓање“.

Измените на Јутјуб се воведуваат во време кога јавно се пресметува големата технологија и нејзиното влијание врз менталното здравје, особено кога станува збор за малолетниците. Поради слични причини поврзани со заштитата на менталното здравје на своите корисници, Инстаграм сега им нуди опција на корисниците со која може да се сокрие бројот на допаѓања на една фотографија.