fbpx

Повеќе од половина од граѓаните задоволни од работата на полицијата

-

Повеќе од 50 отсто од граѓаните се задоволни од работата на полицијата, а висок процент, 64,2 отсто, бележи довербата и почитувањето што граѓаните ги имаат кон чуварите на редот, покажува истражувањето на јавното мнение за полициското работење што на секои две години го прави мисијата на ОБСЕ во земјата, во соработка со Министерството за внатрешни работи.

Процентот на задоволство на граѓаните од работата на полицијата, како што беше истакнато на денешната презентација на извештајот, бележи постојан пораст. Во 2008 година, 33,8 отсто од граѓаните биле задоволни од работата на полицијата, додека во последниот извештај тој процент изнесува 51,5 отсто. Во споредба со извештајот од 2012 година, станува збор за зголемување од околу 2 отсто.

Во однос на довербата и почитувањето на полицијата, нема значајни промени во однос на 2012 година.

Според Никола Спасов од агенцијата „Рејтинг“, која го спроведе истражувањето, она што е карактеристично за ова, но и за предходните истражувања, е тоа што граѓаните од албанската етничка заедница се помалку задоволни од работата на полицијата.

– Она што е клучен наод во ова истражување е тоа што сè уште треба да се унапредува соработката меѓу полицијата и граѓаните, иако има благи позитивни трендови на зголемување во однос на 2012 година. Безбедноста на граѓаните како тема треба да биде третирана посериозно бидејќи има зголемување на процентот на граѓани засегнати за личната безбедност во однос на 2012 година – истакна Спасов.

На прво место, како безбедносен проблем кој најмногу ги тишти граѓаните, е непочитувањето на правилата во сообраќајот, а истражувањето покажало зголемена засегнатост на граѓаните во однос на кражбите, процент кој од 37 отсто пред две години пораснал на 47 отсто во последното истражување.

Значително е зголемувањето на засегнатоста за состојбите со криминалот на подрачјето на СВР Куманово, каде од 18 отсто бројот на засегнати граѓани, според последното истражување, сега изнесува 48 отсто.

Граѓаните во голем дел сметаат дека полицијата успешно ги користи медиумите за информирање околу прашања поврзани со јавната безбедност.

Министерката Гордана Јанкулоска се осврна на значењето на ова истражување, особено околу тоа што во него е содржано мислењето на граѓаните.

– Од 2008 година, од кога се мери овој податок, задоволството на граѓаните од работата на полицијата е зголемено за близу 20 отсто, иако во изминативе бележиме мал пораст од околу 2 отсто, сепак успеавме да ја поминеме линијата од 50 отсто. Довербата и почитувањето од 2004 година наваму се зголеми од 40,4 на 64,2 отсто. Во однос на овој податок само ќе додадам дека просекот на земјите членки на ЕУ, според Евробарометар, е 42 отсто – рече Јанкулоска.

Претставникот на ОБСЕ во земјата, Ралф Брет, нотирајќи го општото зголемување на довербата на граѓаните кон полицијата, во добар дел се осврна „на она што треба да се направи во иднина“.

– Локалните совети за превенција не се состануваат редовно во поголем дел од општините. Предлагаме да се направат измени како во законот за полиција така и во законот за локална самоуправа, со кој полицијата шестмесечните извештаи задолжително ќе ги презентира и ќе ги дискутира со локалната самоуправа. Досега беше практика извештајот на полицијата да се презнетира само во општината одговорна за избор на командирот. Со оглед на тоа што една полициска станица често покрива повеќе од една општина, секоја од тие општини треба да го добие и да биде информирана за безбедносната состојба на територијата на истата. Уште еден важен заклучок е дека секој сектор за внатрешни работи треба да располага со одредена сума на финансиски средства. Во моментот секторите немаат сопствен буџет – истакна Брет.

Тој го нагласи и барањето на граѓаните за поголемо присуство на униформирани полицајци во руралните средини.

– Тие се слабо покриени со полициско присуство, што се должи на недостигот на службени возила во Секторите за внатрешни работи – рече Брет.

Истражувањето е направено во периодот од 1 до 14 јуни оваа година, на репрезантативен примерок од 2.600 граѓани и 500 полициски службеници, кои одговарале на прашања на теми во врска со перцепцијата за полициското работење од страна на граѓаните и самите полицајци.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Промоција на винил компилација „Поп култура“, во чест на Мирко Попов

Вечерва ќе се одржи промоција на винил компилацијата „Поп култура“ во едукативниот културен центар „Лабораториум“, во рамките на платформата „Силата ЕУ Младите“. Изданието содржи песни од млади современи македонски поп...