fbpx

Повеќе од 20 полицајци се повредени во судирот со мигрантите

-

Вкупно 23 лица, односно 14 полицајци и девет припадници на АРМ, се повредени во денешниот судир на полицијата и на мигрантите на македонско-грчката граница, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Во соопштението на МВР се вели дека во текот на судирот оштетени биле и три возила на МВР и пет на АРМ.

Според првичните процени на МВР, во нередите учествувале повеќе од 3.000 мигранти, а во текот на целиот настан, грчките полициски службеници воопшто не интервенирале во спречување на нередите на граничната линија.

Од Министерството информираат дека по претходно добиени сознанија дека мигрантите ќе се обидат насилно да влезат на територијата на Македонија, биле преземени мерки за засилено обезбедување на државната граница кон Грција. Преземените мерки вклучувале и засилено присуство на припадниците на МВР и на АРМ, како и на странските полициски службеници од Унгарија, Чешка, Србија, Словенија, Хрватска и од Австрија распоредени на територијата на Македонија.

„Имено, во 9.30 часот на граничен камен 59 дојдоа претставници од грчката полиција и побараа да се оствари средба помеѓу претставници на мигрантите и претставник на нашите гранични служби. Целта на оваа средба беше мигрантите лично да се уверат околу гласините дека границата е отворена, односно мигрантите да се откажат од идејата за влез во Македонија. Во 10.15 часот дојдоа претставници од мигрантите, грчки полициски службеници и новинарски екипи. Мигрантите се интересираа зошто државната граница е затворена и кога истата повторно ќе се отвори. Од страна на претставник на МВР, одговорено е на прашањата по што мигрантите во 10.35 часот си заминаа и се повлекоа во грчкиот камп. Во 10.50 часот поголема група мигранти, помеѓу 1.000 и 2.000 лица, почнаа со насилни протести на околу 100-200 метри десно од граничен камен 59, со извикување, фрлање камења и разни предмети. Службените лица од МВР и од АРМ веднаш почнаа со одбивање на мигрантите, при што употребени се и хемиски средства – солзавец. По половина час беше пробиена заштитната ограда и група од 20 до 30 мигранти се обидоа илегално да влезат на територијата на Македонија, но истите веднаш се спречени во намерата и вратени на територијата на Грција. Друга група мигранти, меѓу од 500-1.000 лица се обидоа да направат пробивање на оградата и лево од граничен камен 59, со каменување кон нашите безбедносни сили. Во 14 часот поголем дел од мигрантите се повлекоа на околу 50-100 метри на грчка територија и состојбата делумно е ставена под контрола, со тоа што во тој период во функција беа ставени и водени топови“, пишува во соопштението на МВР.

Во соопштението се дополнува и дека околу 15 часот безбедноста на границата била подигната на највисоко ниво по добиена информација дека мигрантите подготвувале молотови коктели, но до тоа не дошло.

Каменувањето од страна на мигрантите кон македонските безбедносни сили траело до 18 часот.

Од хуманитарната организација „Лекари без граници“ соопштија дека во денешните немири биле повредени околу 260 мигранти и дека испратиле дополнителни тимови да им помогнат во кампот за бегалци Идомени.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Путин: Немаме намера да нападнеме земји членки на НАТО

Русија нема планови за напад на земјите членки на НАТО и нема да ги нападне Полска, балтичките земји или Чешка, но доколку Западот испорача ловци Ф-16 на Украина, тогаш...