Пред Споменикот на ослободителите на градот Скопје, пред платото на Владата на Република Македонија, повеќе делегации положија цвеќе во чест на Денот на ослободување на Скопје, 13 Ноември. Цвеќе положи и делегација од Град Скопје, составена од градоначалникот Коце Трајановски и од претседателката на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева.

Во името на борците-ослободители на Скопје, се обрати Трајко Стаматовски, кој истакна дека говорел неколкупати на одбележување на годишнини од ослободувањето на Скопје, но секогаш му е чест да се обрати од нивно име.

– Секогаш кога сум говорел за ослободувањето на Скопје, сум го истакнувал херојството на ослободителите на нашиот главен град. Единиците на Третата, Дванаесеттата и на Шеснаесеттата македонска бригада, борбите ги водеа по улиците на Скопје и во поголемите објекти во кои беше забарикадиран непријателот. Ние извојувавме победа и ги остваривме стремежите на претходните генерации. Го направивме тоа само со сопствени сили, свесни дека до вистинска слобода се доаѓа само на таков начин – рече Стаматовски.