fbpx

Повеќе од половина од буџетот на Македонска Каменица се полни од концесијата од „Саса“

-

Малата рударска општина Македонска Каменица во тековната 2020 година ќе може да потроши над 3,4 милиони евра од основниот буџет. Од тој износ, два милиони евра се прилив од концесијата, која секоја година ја плаќа рудникот „Саса“ по основа на експлоатација на минерални суровини. Ова се значајни средства, што на општината ѝ дава извесна комоција за да може да планира и позначајни проекти.

Во општината недостасуваат детални урбанистички планови, особено за населените места, што се пречка за планирање на одредени проекти, како што се домот за стари лица, за којшто властите веќе имаат одредено локација, или изградбата на комунални објекти.

При претставувањето на Буџетот за оваа година, градоначалничката Соња Стаменкова најави неколку позначајни проекти во делот на водоснабдување и изградба на локални патишта.

– Буџетските средства предвидени за изградба и реконструкција на улици и патишта во општина Македонска Каменица се во висина од 48 милиони денари. За изградба на водоводи и системи за водоснабдување се издвоени 10 милиони денари, односно пет милиони денари. Системите за одводнување и пречистување на отпадните води општината ќе ја чинат пет милиони денари, додека за уредување на речното корито, доградба на кеј на Каменичка Река и партерно уредување ќе бидат издвоени 15 милиони денари – образложи Стаменкова.

По пат на проекти, во текот на 2019 година, беа обезбедени дополнителни средства за изработка на детални урбанистички планови, кои се основа за реализација на планираните инфраструктурни проекти во текот на оваа 2020 година.

Парите од концесија за експлоатација на минерални и неминерални суровини се очекувани и во останатите општини, како Радовиш и Пробиштип, каде има активни рудници или друг тип на економски оператори. Надежите се дека ќе се реализира најавата за законска измена, со која за 50 отсто се зголемува надоместокот за концесија. За користење на метални суровини, компаниите сега плаќаат надоместок од два отсто од вредноста на металот. Од тој износ, општините добиваат 78 отсто, додека останатите 22 отсто одат во државната каса.

Министерството за економија повеќе од една година е во дијалог со компаниите околу усогласување на Тарифникот за утврдување на висината на надоместокот. Рудниците „Саса“ и „Бучим“ со години се на листата на најуспешни компании во државата. Во 2018 година, „Саса“ беше трета најпрофитабилна компанија во Македонија, по „Џонсон Мети“ и ЈП за државни патишта, со остварени над 42 милиони евра профит, додека „Бучим“ се најде на седмото место со близу 23 милиони евра профит.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...