Големата зависност на Македонија од увоз на електрична енергија, што зафаќа околу 30 отсто од вкупните потреби на пазарот, се очекува во наредните години постепено да се намалува, што ќе значи стимул за економијата. Главен предуслов за тоа е зголемувањето на производството на струја од домашни извори, како и инвестирање во нови капацитети, пред се, од обновливи извори на енергија.

Тоа го предвидуваат сите три сценарија во Стратегијата за развој на енергетиката во Македонија до 2040 година: референтно, сценарио за умерена транзиција и зеленото сценарио, кои нудат свои модели за намалена зависност од увоз на струја во наредниот период.

Според референтното сценарио, производството на сруја треба да се зголеми на 9,4 TWh (тераватчасови) до 2040 година, главно од обновливи извори на енергија, ОИЕ, и тоа да достигне 71 отсто од вкупната произведена електрична енергија. Според ова сценарио, зависноста од увозот ќе се намали до 14 отсто во периодот до 2040 година.
Во сценариото за умерена транзиција, капацитетот за производство на струја треба да се зголеми на 4 GW (гигавати) до 2040 година (двојно повеќе во однос на 2017), со што ОИЕ ќе достигне 87 отсто од вкупно инсталираното портфолио. Ова сценарио буди опција за укинување на јагленот во 2025 година, како енергенс за производство на струја. Зеленото сценарио предвидува Македонија, според претпоставените големи инвестиции во ОИЕ, да го намали увозниот баланс на струја за 12 отсто, со што истовремено ќе се подобри интеграцијата во европскиот систем.

Референтното сценарио ја избира опцијата за ревитализација на ТЕЦ Битола во 2025 година, со предуслов да се отворат новите рудници Живојно и да има снабдување со јаглен по конкурентни цени. За разлика од него, поради повисоките цени на CO2 и пониските цени на природниот гас, сценариото за умерена транзиција и зеленото сценарио предвидуваат престанок со работата на РЕК Битола, а за сметка на тоа, да има нови ОИЕ капацитети кои ќе произведуваат струја од природен гас.

Што се однесува до ТЕЦ Осломеј, таа престанува со работа според сите три сценарија, а едно од решенијата би било нејзина трансформација во сончева централа (80 – 120 MW) која ќе ја користи истата инфраструктура и вработени. Истиот пристап може да се примени и за РЕК Битола, се сугерира во Стратегијата.

Инаку, во Македонија термоелектраните на јаглен и хидроелектраните се главните производствени капацитети за струја. Вкупниот постоечки капацитет изнесува 2,06 GW со 48 отсто учество на термоелектраните, 34 отсто на големите и на малите хидроелектроцентрали, 15 отсто на комбинираните постројки на природен гас и 3 отсто на другите обновливи извори на енергија. Главен фактор во производството се државните Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), со 70 отсто од вкупно инсталираните капацитети, во чија сопственост се и РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј.
Во последниве години производството на струја од јаглен се намалува и достигна 60 отсто во 2017 година, а од друга страна, производството од капацитети од ОИЕ со текот на годините расте и во 2017 година тие учествуваа со 37 отсто во вкупно произведената струја.

Стратегијата констатира дека државава има можности да користи значителни средства од меѓународни донатори за развој на енергетската дејност, а дека досега останале многу непотрошени пари.

„Македонија добива средства за истражување и развој во областа на енергетиката од меѓународни донатори, национални јавни донатори и од приватниот сектор. Во моментов, постои недостиг на национален енергетски фонд со чија помош ќе се управуваат и планираат сите инвестиции во енергетскиот сектор. Достапните меѓународни донаторски фондови што го поддржувале енергетскиот сектор, како што се ЕБОР, ЕИБ, фондовите на ЕУ, УНДП, КфВ, УНИДО, УСАИД, Светската банка, се недоволно искористени поради слабите организациски структури, несоодветните вештини и ограничените капацитети и ресурси“, стои во Стратегијата.

Во периодот 2014-2018 година, 57 отсто од вкупното финансирање за Македонија од ЕУ, било во врска со проекти од областа на енергијата, а најмногу од средствата биле искористени за безбедна, чиста и ефикасна енергија – 2,6 милиони евра.