fbpx

Потврден лек уште нема, а кoрона вирусот „не влегува дома со патиките“

-

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу бргу ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борбата против дезинформациите во регионот, односно од Хрватска на север, до Грција на југ.

Хрватскиот сервис за проверка на фактите и борба против дезинформациите Faktograf.hr анализираше две информации поврзани со корона вирусот што се објавени на медиуми или кружеа по социјалните мрежи или сервисите за инстант-комуникација и утврди дека станува збор за дезинформации.

Првата се однесува на антивирусниот лек favipiravir, за кој еден босанско-херцеговски портал напишал дека е „лек“ за COVID-19, болеста предизвикана од новиот корона вирус. Иако има информации дека станува збор за лек којшто може да биде корисен во сузбивањето на COVID-19, сѐ уште е рано да се прогласува за чудесен лек и да се слави, пишува Faktograf.hr.

Favipiravir е антивирусен лек којшто од 2014 под името Avigan го произведува јапонската компанија Toyama Chemical.

„Точно е дека Жанг Сјинмин, функционер во кинеското министерство за наука и технологија на 18 март изјавил дека favipiravir покажал многу охрабрувачки резултати кај заболени од COVID-19. Во Кина е тестиран на 340 пациенти, коишто, според тврдењата на кинеските власти, закрепнувале значително побргу отколку пациентите што не го примале овој лек. Кинеските пациенти што примале Favipiravir во просек закрепнувале за четири дена, додека оние што не го добивале, закрепнувале за 11 дена. Исто така, рентгенските снимки покажале подобрена состојба на белите дробови кај 91 отсто од пациентите што добивале favipiravir, наспроти 62 отсто, кај оние што не го добивале овој лек“, пишува Faktograf.hr.

Но, овој сервис потсетува и дека од јапонското министерство за здравство порачале дека не треба да се има големи очекувања, нагласувајќи дека не е чудесен лек, каков што го прогласуваат некои.

„Авиган добија 70 до 80 пациенти и се покажа дека не дејствува толку добро ако вирусот веќе се размножил“, изјавиле од министерството за еден јапонски дневен весник.

Можно е favipiravir да помага во лекувањето на оние лица кај кои COVID-19 дава поблаги симптоми, но не и кај потешко заболените, пишува хрватскиот сервис.

Тој оповргна уште една дезинформација сврзана со новиот корона вирус. Станува збор за порака луѓето да не влегуваат дома со чевлите со кои биле надвор, оти така може да ја внесат заразата дома. Пораката се ширела преку WhatsApp, а во неа било тврдење дека вирусот преживува до девет дена на асфалтот, дека поради тоа во Кина се вршела масивна дезинфекција, а поради тоа се дезинфицираат и улиците на Милано.

Ваква порака претходно се ширеше и во Италија и во Шпанија, но проверувачите на факти ги оповргнаа тврдењата од неа, пишува Faktograf.hr.

Сервисот потсетува дека директорот на шпанскиот Центар за координација на итни состојби Фернандо Симон на 16 март рекол дека нема потреба чевлите да се оставаат надвор. Исто мислење има и претседателот на италијанскиот Институт за здравствена заштита Силвио Брусаферо, како и Фабрицио Прелјаско, виролог од Универзитетот Милано. Последниот рекол дека иако е можно така да се внесе вирусот, опасноста е занемарлива.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...